„Ве молиме вратете ни го ДДВ-то за да купуваме поевтино“ – Граѓаните гневни, синдикалната кошничка поскапа за 3.000 денари – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/22 5:00 PM

„Ве молиме вратете ни го ДДВ-то за да купуваме поевтино“ – Граѓаните гневни, синдикалната кошничка поскапа за 3.000 денари

Премиерот Димитар Ковачевски се пофали дека двете минимални плати се доволни да ги покријат основните трошоци за живот според пресметката на синдикалната кошничка.

– Ја покачивме минималната плата на 18.000 денари. Секое семејство со двајца вработени ќе ги покрие трошоците на минималната синдикална кошничка со само две плати,  за разлика од порано кога за тоа беа потребни две и пол до четири плати – рече денеска премиерот Ковачевски.

Радоста кратко траеше затоа што по само неколку часа од неговиот говор, Сојузот на синдикати на Македонија објави дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во март изнесуваат 36.768 денари, што е за 768 денари повеќе од сумата според која премиерот ја наведе дека е доволна да го поминеме месецот.

– Од почетокот на годинава е зголемена за 1.000,00 денари, а во однос на претходната година во месец март е зголемена за 3.000,00 денари. Најголемо зголемување има кај исхрана и пијалоци  и кај превозот, што значи си продолжува растот на истата, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

За храна и пијалоци во март биле потребни минимум 15.780 денари, а за режиски трошоци 11.597 денари. Останатите пари од синдикалната минимална кошничка се за превоз, облека и за здравствени услуги.

И Државниот завод за статистика денеска излезе со најнови податоци за трошоците на живот и цените на мало. Според статистичките податоци, во март инфлацијата изнесува 8,8 проценти во однос на март лани, а цените на мало за 9,6 проценти. Во однос на февруари, има зголемување за 1,6 проценти кај трошоците на живот и за 1,5 проценти кај цените на мало.

Овие податоци се доказ дека попусто е покачувањето на минималната плата со законска одлука затоа што дополнителниот приход секако го јаде инфлацијата. А таа на месечно ниво е над еден процент што може да значи дека годината може да ја завршиме со двоцифрена стапка на инфлација што ќе значи и ново осиромашување на граѓаните ако не се донесат нови економски мерки за да се заузда поскапувањето.

А, мерките кои министерството за  економија ги воведе со намалување на ДДВ на нула за основните прехранбени продукти, лебот, млекото, брашното и јајцата не вродија со плод затоа што граѓаните во маркетите секојдневно се сведови на зголемување на цените на овие производи.

„Јајцата од 64 денари, на 92 денари. Сакам да изразам посебна благодарност за Владата дека не плаќаме ДДВ на овие производи. И нека се гонат у ПМ оние што споделуваат за покачување на минималната плата!“, напишала граѓанка на Фејсбук револтирана од покачувањето на пакувањето со десет јајца.

Некои граѓани бараат да се врати ДДВ-то за да се вратат старите цени затоа што мерката не го дала ефектот и цените на маслото, јајцата и брашното се енормно зголемени.

Орце Костов

фото: ММС/Фејсбук