Крави, зејтин, автомобили, но и удел на фирма вреден 1,65 милијарди долари! Што заложуваат Македонците во регистар? – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 11:03 AM

Крави, зејтин, автомобили, но и удел на фирма вреден 1,65 милијарди долари! Што заложуваат Македонците во регистар?

Многумина ќе се изненадат што нашите граѓани ставаат како гаранција за обезбедување на парични и друг вид побарувања, односно какви подвижни предмети се заложуваат во Заложниот регистар на залози во Централниот регистар на Македонија.

Според податоците од Заложниот регистар до кои дојде ММС, најмногу се заложуваат подвижни предмети, пред се, автомобили, камиони, градежни машини и трговска стока на залиха, но и животни, понекогаш цели стада, зејтин…

А, како што може да се купи возило или стадо крави или овци, на кредит, така може и тие да се заложат во Заложниот регистар.

„Во Заложниот регистар задолжително се запишува невладетелскиот залог врз подвижна  ствар, хартии од вредност, побарувања и други права. Со залогот се обезбедуваат парични и друг вид побарувања, чија вредност е изразлива во пари, што доверителот ги има во однос на својот должник од одреден облигационен однос“, велат за ММС од Централен регистар.

Според податоците оттаму, вредноста на најголемиот залог во Заложен регистар е неверојатни 1,65 милијарди долари!

„Најголема вредност на   побарување  обезбедено со залог  е   1.650.000.000,00  USD,   се работи за залог на удел на странско правно лице во македонско правно лице“, откри Централниот регистар.

Во заложниот регистар има регистрани залози во повеќе валути, но најчесто во денари, евра и американски долари. Има и околу 400 залози што се изразени во германски марки иако валутата не се употребува 20 години, а има и три залози во јапонски јени. Најголем дел од залозите се во евра, а највисока бројка е забележана во 2019 година со 2.574

Во моментов активни се 30712 залози. Најмногу се заложиле акции и удели во компании, но Централен регистар не ги открива имињата на компаниите што ги запишале овие налози.

Законот вели дека Централен регистар издава исправа за извршен упис во Заложниот регистар веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето. Доколку должникот не го врати долгот, доверителот има право да го активира залогот и така да се намири. За престанокот на заложното право се издава исправа, во писмена или електронска форма според прописите.

Во Заложниот регистар можат да се заложат и интелектуални и други сродни права, но не и недвижнини.

“Во Заложниот регистар се запишува залог врз подвижни предмети ( рачен залог), додека залогот врз недвижности се запишува во Агенција за Кастастар на Недвижности“, велат оттаму.

Орце Костов