Агенцијата за млади и спорт денеска им додели признанија на учесниците на Европското првенство во борење, помеѓу кои и на Владимир Егоров, кој освои златен медал на шампионатот.
Претседателот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, на прес-конференцијата во АМС истакна дека не се сомневале дека овие спортисти ќе нè израдуваат со огромен успех.
– Не се сомневавме дека овој спорт, овие деца, овие спортисти ќе не израдуваат со еден огромен успех затоа што знаеме дека во континуитет имаме добри резултати, одлични борби, одлични подготовки. Секако, Агенцијата за млади и спорт стои зад оваа федерација, дека секој нивен успех, натпревар и подготовка за големи натпревари се со огромна поддршка од наша страна и од страна на државата и се надевам дека оваа поддршка ќе продолжи на исто ниво, истакна Мојсовски.
Тој ја искажа радоста за веењето на нашето знаме на еден таков настан, како и задоволството од начинот на кој се претставија борците во Будимпешта и сподели дека поддршката продолжува, а за возврат очекува светски и олимписки медали.
Претседателот на Федерацијата за боречки спортови, Дејан Богданов, се заблагодари за поддршката дадена од директорот на Агенцијата за млади и спорт, како и на тимот кој учествуваше на Европското првенство, нагласувајќи ги успесите на Владимир Егоров, кој освои златен медал на Европското првенство за борење, Бесир Алили, кој го освои петтото место, како и на Вејсели и Дејан Митров.
– За да се направи еден ваков резултат мора да имаме навистина квалитетен тим. Ние покажавме дека Боречката Федерација во Македонија може да има квалитетен тим, го покажавме тоа на дело и мислам дека ако имаме сплотеност, ако имаме голема поддршка од Агенцијата и од директорот овие резултати почесто ќе се гледаат, рече Богданов.
Шампионот Владимир Егоров им се заблагодари на присутните за големата поддршка и истакна дека негова наредна цел е Олимпијадата.
– Голем успех за мене е што го освоив овој медал. Ги знаев своите противници, подолго време ги следев. Знаев како да се подготвам за борбите против противниците. Мојата цел е Олимпијадата, рече Егоров.
Во големото финале на Европското сениорско првенство во борење, во Будимпешта, Унгарија, Егоров славеше против Азербејџанецот Алијабабас Разаде.
МИА