Работниците сами на себе си ја покачија платата на 18.000 денари – Газдите ќе добијат помош за исплата на минималецот од Буџетот – ММС
ММС

Објавено на: 04/1/22 12:33 PM

Работниците сами на себе си ја покачија платата на 18.000 денари – Газдите ќе добијат помош за исплата на минималецот од Буџетот

Од денес, 80.000 вработени, работници во различни дејности и индустрии, ќе земаат 18.000 денари минимална плата според последните законски измени и дополнувања за раст на минималната плата од март годинава.

Владата во дијалог со бизнис заедницата, синдикатите и сите засегнати страни во изминатиот период постигна договор за зголемување на најниските плати, а утврдена е и методологија со која истата континуирано ќе расте.

Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Но, ниту Владата ниту Синдикатите не кажаа дали ќе се интервенира ако некој момент просечната плата се намали, а со тоа би се намалила и минималната плата.

Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни, но тоа автоматски значи дека работниците ќе си ја зголемат платата самите на себе затоа што субвенциите ќе доаѓаат од државниот буџет, а не од џебот на работодавците.

„Минималната плата од 18.000 денари е реалност, но уште поважно е што таа континуирано ќе расте без потреба од дополнителни интервенции. Сега, со две минимални плати синдикалната кошничка е покриена, нешто што не беше случај во 2016, кога беа потребни повеќе од 4 минимални плати за да се покрие една кошничка“, напиша денеска премиерот Димитар Ковачевски на „Фејсбук”.

Ковачевски порачува дека заштитата на животниот стандард останува еден од највисоките приоритети на Владата и оти со динамично темпо се исполнуваат ветувањата во година на  продлабочена економска криза.

Процентуално во периодот 2012-2016 година минималната плата е зголемена за 25,2%, а за период 2016-2022 година 78,6%.

Од денеска може да се аплицира за добивање финансиска помош за исплата на минималната плата. На веб-страната на Управата за јавни приходи, веќе е поставен софтвер преку кој може да се поднесе барање за финансиската помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.

Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите работодавачи кои не се ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице. Апликантите мора да имаат статус на активен обврзник и да ги имаат подмирено обврските за исплата на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од февруари или сите следни месеци за кои ќе бараат ваква финансиска помош.

Финансиска помош неможе да користи работодавач кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници заради зголемување на плата, обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, како и орган на државна и на локална власт и институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија…

Работодавачите кои ќе добијат финансиска помош се должни работникот за кој ќе добијат поддршка да го задржат на работа најмалку една година по завршувањето на користење на мерката. Работодавачите кои нема да го испочитуваат ова правило, по отпуштање на работникот ќе треба во рок од 30 дена да го вратат износот на добиената помош. Оваа одредба нема да важи ако работникот за кои е добиена помош во меѓувреме се пензионира, ако настане смрт или пак ако работникот сам си даде отказ од работното место.

Финансиската помош се остварува по исплата на платата за месецот за кој се обезбедува. Исплатата ќе се врши преку Министерството за труд и социјална политика.

О.К.