Судството е ажурно, иако од 34 судови неажурни се 19, рече претседателката на Судскиот совет, Црвенковска – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/22 2:34 PM

Судството е ажурно, иако од 34 судови неажурни се 19, рече претседателката на Судскиот совет, Црвенковска

Според оценка на Судскиот совет во целина, судството е ажурно, иако од 34 судови, ажурни се 15, додека неажурни се 19, информира претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на денешната прес-конференција по повод Денот на правосудството, на која го презентираше Годишниот извештај за работата на Судскиот совет.

– На ниво на државата судовите во јануари 2021 година започнале со нерешени 99.954 предмети, примиле во работа нови 564.899 предмети, имале вкупно во работа 664.493 предмети. Од овој фонд на предмети решени се 567.155 предмети, а останале нерешени 97.338 предмети. Според наведените податоци, судовите во 2021 година успеале да го совладаат приливот на предмети и го намалиле заостатокот за 2256 предмети, посочи Црвенковска.

Судскиот совет минатата година одржал вкупно 33 седници, како и 15 седници на Судскиот буџетски совет. Советот во 2021 година извршил избор и на вкупно шест судии во основните судови и тоа по тројца судии во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје. Советот лани извршил и избор на претседатели во шест судови – Врховниот суд, Управниот суд и основените судови во Гевгелија, Гостивар, Дебар и Свети Николе.

– Советот ја искористи со закон предвидената можност да донесе одлука за времено упатување на судии од еден во друг суд. Донесе одлука за времено упатување на десет судии и тоа најдолго за време од една година. Во текот на 2021 година Советот избра 112 судии поротници, истовремено Советот донесе одлуки со кои е утврден престанок на функцијата на 157 судии поротници. Во 2021 год судскиот совет разреши седум судии, од нив пет поради нестручно и несовесно вршење на судската функција и двајца поради сторена потешка дисциплинска повреда, образложи Црвенковска.

Во текот на 2021 година поднесени се 90 барања за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд или вкупно против 142 судии бидејќи со едно барање можат да бидат опфатени повеќе судии. Во текот на 2021 година Советот постапувал по вкупно 699 претставки.

Во текот на 2021 година, како што информира Црвенковска, за функционирањето на Судскиот буџетски совет се потрошени финансиски средства во износ од 42,5 милиони денари. За споредба, претходната 2020 година биле потрошени 40,5 милиони денари, од кои 99 посто е реализација на судскиот буџет, 80 проценти се единствено за плати и за надоместоци, за стоки и услуги 14,03 проценти, и за жал, како што посочи, капитални инвестиции 3,58 отсто.

Според неа, финансиска независност на судството е клучна. Судската власт, вели таа, треба финансиски да биде издвоена од извршната власт.

МИА

фото: МИА