Политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ – Левица не го признава пописот – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/22 6:37 PM

Политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ – Левица не го признава пописот

Овој процес не беше ништо, освен една политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ. Вака пратеникот од Левица, Борислав Крмов, го оценува пописот кој ДЗС го спроведе во септември лани.

Тој на прес-конференција истакна дека самиот Закон за попис е проблематичен бидејќи бил „шверцуван“ со европско знаменце, а имало попис на дијаспората и попишување само со давање на матичен број, што ги крши сите меѓународни стандарди.

– Имавме ситуација да може трети лица да даваат лични податоци, што е забрането со меѓународни конвенции. Имаме ситуација документи за идентификација да бидат насловени во законот како ‘соодветни документи’, значи намерно не се прецизирани за да може да имаме манипулации. И на крај, врзаниот потпис на заменик директорот на ДУИ, за да може да ги добиеме овие, би ги нарекол, буквално фалсификувани и штелувани резултати кои што ги добивме, рече Крмов.

Бидејќи директорот на ДЗС Симовски рече дека 132 илјади луѓе биле внесени од базите, односно го бојкотирале пописот, Крмов вели дека ова значи оти пописот е невалиден.

– Еден од најголемите проблеми е попишувањето на дијаспората. Ако попишувате дијаспора тогаш треба да ја попишете целата дијаспора. Ние гледавме како Груби, Османи и Бектеши агитираа во дијаспората на државен трошок само една етничка заедница да се потпишува, дури и странски државници како Курти и Рама лобираа. Процесот беше целосно едностран, рече Крмов.

Според државјанствата издадени од МВР, Крмов рече дека се заклучува оти 300.000 лица не се попишани.

Со ваквиот процес пратеникот на Левица вели се оди кон разнебитување на државата и на државотворниот статус на македонскиот народ.

– Партијата СДСМ е претворена во тендерашко друштво, без никакво национално или државничко чувство. Тука ќе ја спомнам и улогата на ВМРО-ДПМНЕ. Иако нивните пратениците немаа ниту еден позитивен збор за потписот, сепак на крај партијата го поддржа пописот и му даде легитимитет. Останува да видиме дали ќе покажат политичка кичма и дали нема да го признаат пописот, рече Крмов, потенцирајќи дека Левица не го признава пописот и најави кривични пријави „од позиција на власт“.

Од владеачката партија СДСМ на ваквата прес-конференција на Крмов одговорија дека Левица работи против државните интереси. За СДСМ пописот е успешен и спроведен по највисоки светски стандарди и признаен од сите меѓувародни и домашни релевантни фактори.

– Не успеаја повиците на Левица за бојкот на пописот, ниту пак обидите да биде попречен и да не се одржи. Тоа е пораз за сите деструктивтни сили кои работата против државните интереси како што е Левица. Прифаќањето на резултатите веќе е потврдено со искажувањето волја на огромното мнозинство граѓани да се попишат, одговорија преку соопштение од партијата.

Инаку претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на прес-конференција за пописот рече дека е некомплетен, а бројките се поразителни. Зборувајќи за бојкотот, тој рече дека тие како партија ги повикале граѓаните да се потпишат, но за жал како што вели имало одредени актери кои повикувале на бојкот, па тоа нанесе штета на податоците од пописот, на неговата комплетност и е на штета на Македонците.