Се обидуваме да бидеме сензитивни за ситуацијата во Украина, но ЕУ мора да се грижи и за ранливите точки на континентот, вели Османи – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/22 5:06 PM

Се обидуваме да бидеме сензитивни за ситуацијата во Украина, но ЕУ мора да се грижи и за ранливите точки на континентот, вели Османи

Интензитетот на нашата желба за членство во Европската Унија не се менува – категоричен беше министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција со министерката на Австија за ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање дали ситуацијата во Украина ја зголеми желбата на земјава за побрзо членство во Унијата.

Османи иако вели дека желбата кај нас е конзистентна,  потенцира оти верува дека се менува свесноста на соседите, па и на земјите членки, дека ова е важно не само за нас, туку и за ЕУ од безбедносен, политички и економски аспект.

– Новиот геополитички контекст само ги потврди нашите континуирани аргументи дека прашањето на проширувањето е пред се безбедносно прашање за регионот. Апсолутно се обидуваме да бидеме сензитивни во овие моменти затоа што украинските цивили страдаат во агресијата, тоа има приоритет за нашето и светското влијание, но мора да се грижиме и за „вунерабилните“ точки на континентот, како што е Западен Балкан, вели Османи.

Запрашан на што се должи оптимизмот кој во изминатиов период го гледаме од двете страни во однос на прашањето со Бугарија, тој вели дека пред се се должи на  позитивната атмосфера која ја создале во последните месеци преку континуирани средби на политичко ниво, но и преку интензивните средби на секторските работни групи кои секоја недела произведуваат резултати – меморандуми, договори и конкретни проекти кои на некој начин ја враќаат довербата меѓу двете влади.

– Оптимизмот се должи и на честите средби на групите по однос на политичките прашања, размената на идеи, искреноста во пристапот. Приметувате дека нема провокации меѓу двете страни преку други канали, туку сето она што го имаме како став го кажуваме најпријателски, отворено и на маса и се обидуваме да најдеме достоинствено решение кое на крајот ќе ги остави двете страни подеднакво задоволни или незадоволни, рече Османи, но сепак вели дека во моментот никој не може да потврди дали ќе има решение.