Голманот на ПСЖ, Кејлор Навас го преуредил својот дом во Париз за да вдоми триесетина украински бегалци – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/22 5:00 PM

Голманот на ПСЖ, Кејлор Навас го преуредил својот дом во Париз за да вдоми триесетина украински бегалци

Семејството на голманот на ПСЖ и на костариканската репрезентација Кејлор Навас покажа голема добродушност со прифаќањето во својот дом во Париз бегалци од Украина, објави денеска францускиот прволигаш, потврдувајќи ја со тоа информацијата на шпанскиот весник „Спорт” дека Костариканецот вдомил 30-ина луѓе, кои побегнале од руската инвазија.

Навас во моментов е со својата репрезентација на завршницата од мундијалските квалификации, а според новинските извештаи, неговиот дом е преуреден за да може да ги прифати украинските бегалци, кои претежно се мајки со деца.

Сопругата на Навас, Андреа Салас, објави на социјалните мрежи пораки од хуманитарни организации, апелирајќи на неколку светски јазици за „помош за деца со мајки и млади лица, кои се сами, а кои не поседуваат ништо друго освен облеката на нив”.

Околу триесетина бегалци, колку што пристигнаа во домот на Навас, ги пренесе од Украина евангелистичко здружение со седиште во Барселона.

ПСЖ во клупското соопштение не прецизираше колку вкупно лица нашле привремено сместување во домот на Навас, „бидејќи Кејлор тоа не го направи за да привлече внимание на јавноста”.

МИА

фото: Twitter