Авганистанските талибанци им наредија на сите владини службеници да носат брада или ќе бидат отпуштени, потврдија три извори за западни медиуми.
Претставници на Министерството за промоција на доблести и спречување пороци од денеска веќе почнаа да ги посетуваат државните служби за да проверат дали сите вработени се придржуваат до новите правила. Талибанците, исто така, пропишаа строг кодекс на облекување, а државните службеници ќе треба да носат долга, широка туника и панталони и турбан или капа.
Покрај тоа, тие мора да се молат во одредено време во текот на денот.
Минатата недела талибанците им забранија на жените да летаат со авион доколку немаат машка придружба, а на средношколките се уште не им е дозволено да се вратат на училиште.
Вчера наредија сите забавни паркови да вршат сегрегација врз основа на пол, што значи дека семејствата повеќе не можат да одат на тие места заедно.
Според распоредот на министерството, жените од недела до вторник ќе можат да одат во забавните паркови во и околу Кабул и ќе мора да носат исламски хиџаб, додека мажите ќе можат да се забавуваат од среда до сабота.
МИА
фото: https://www.aa.com.tr/