Изутрината во дванаесет минути до шест на аеродромот во Скопје слета првиот авион од комерцијалниот лет од Софија. На аеродромот, патниците и авионот од првиот лет на компанијата Гуливер беше пречекан со воден мост во форма на виножито. На релацијата Скопје – Софија – Скопје ќе лета авион од типот ATR 72 – 600 , кој може да превезе 70 патници.
Дваесет и две лица патуваа со првиот редовен лет, изјави за БТА Јанко Иванов од ГуливЕр.
Македонскиот главен град ќе биде поврзан со бугарскиот главен град, со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник, од денес, 26-ти март.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски ги пречека патниците кои пристигнаа на летот, со што започна да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.
-Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Република Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје, изјави Бочварски.
-Авиолинијата Софија-Скопје-Софија сега ги поврзува двата главни града за само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички,така и за деловни патувања. Бугарските и македонските патници може да сметаат дека оваа авиолинија е корисна за посета на главните градови на двете земји и во исто време тие можат да го продолжат своето патување до други подалечни дестинации во други странски земји, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.