Македонската фаланга доби признание за највесела навивачка група за време на Европското фудбаско првенство во Букурешт и Амстердам, а сега го потврди епитетот и во Палермо.
Вечерва од 20.45 часот на „Ренцо Барбера“ во Палермо, околу 2.000 македонски навивачи ќе ја згрмат „Излези момче…“ како поддршка на фудбалската репрезентација која ќе се судри со европскиот првак Италија во баражот за Светското првенство во Катар.
За најзначајниот натпревар во историјата на македонскиот фудбал, македонската фаланга веќе 24 часа се „подготвува“ во рестораните низ Палермо. Ништо чудно кафулињата да останат и без италијанското пиво „бира морети“ кое нашите фанови го пијат како вода.
Темпераментните Италијанци паднаа на шармот на фалангата и со љубопитност следат, фотографираат и го снимаат „црвено-жолтиот“ декор среде Палермо.
– Атмосферата е преубава. Италијаните супер не прифатија, се пеат македонски песни, Палермо е обоен во „црвено-жолто“. Преубаво е денес да си Македонец во Палермо. За прогноза, се надевам на успешно реми 1-1 и потоа да ги победиме на пенали. Пиво се пие во изобилство, а „бира морети“ е доказ дека нема забрана од властите да уживаме во градот поради ковид-протоколите – рече Мирослав Поповски за ММС, кој е еден од најверните навивачи на македонските репрезентации.
Победникот од овој меч во финалето ќе оди на гости кај поуспешниот од пресметката Португалија – Турција. Македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја учествува во бараж за Светско фудбалско првенство.
О.К.