Расте ризикот од државен удар против Путин, тврди рускиот свиркач Осечкин – ММС
ММС

Објавено на: 03/24/22 8:54 AM

Расте ризикот од државен удар против Путин, тврди рускиот свиркач Осечкин

Ризикот од државен удар на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) против претседателот Владимир Путин секоја недела расте додека војната во Украина продолжува, изјави свиркач од самиот врв на руската разузнавачка служба, пренесува „Гардијан“.

Свиркачот Владимир Осечкин тврди дека „безбедносните служби ги зафатиле хаос и незадоволство по неуспешната руска инвазија врз Украина“.

Осечкин е протеран руски активист и основач на група за човекови права, кој тврди дека анонимен руски разузнавач сето тоа го пишува во писмата што ги добива и кои ги објави.

Осечкин за „Тајмс“ изјави дека ризикот што го преземале разузнавачите за да проговорат е знак за нивниот растечки гнев кон Путин и незадоволството од санкциите што ги засегаат агентите на ФСБ кои повеќе нема да можат да одат на одмор во своите вили во Италија и да ги носат своите деца во Париз во Дизниленд.

Говорејќи од својот дом во Франција, каде што живее во егзил од 2015 година, Осечкин рече дека „Путин создавал стабилност во Русија веќе 20 години“.

– Службениците на ФСБ, полицајците, државните обвинители – луѓето во системот – можеа да живеат многу добро. Но сега сето тоа го нема. Тие признаваат дека оваа војна е катастрофа за економијата, за човештвото. Тие не сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз, додаде тој.

Како што продолжува војната, секоја недела се зголемува можноста за бунт од сите овие неистомисленици во безбедносните служби, истакнува Осечкин.

МИА