Јасмина Лопез од Куба кога пред седум години тргнала работно на три месеци во Македонија не ни сонувала дека државава ќе стане нејзина татковина, а тука ќе го запознае и човекот на нејзиниот живот.
Не знаела ништо за Македонија, ниту за државата, ниту за храната, ниту, пак, за лугето. Не знаела ни каде на картата се наоѓа Македонија. Но, денес знае буквално се, да зборува македонски, да готви наша храна, научила многу македонски навики и се што е потребно да биде вистинска Македонка. И што е најважно, да го сретне Ѓорги и да стане македонска снаа.
-Јас сум пејачка и кога од мојата продукција ми рекоа дека треба да одам три месеци во Македонија сите се почудивме, бидејќи ен знаевме каде е тоа. Но, кога дојдов тука за мене беше рај. Македонија е преубава, најмногу заради тоа што има четири годишни времиња. Јас која животот го поминував само на топло време овде прв пат облеков чизми, капут, капа и шал и за мене е преубаво, вели таа.
По завршување на тие месеси заминала три месеци во Сингапур. Но, со желба пак да се врати, бидејќи, како што вели, „првите три месеци кога бев во Македонија се случи љубовта меѓу мене и неа, јас се заљубив во Македонија“.
-Затоа секогаш кажувам дека првата љубов ми е Македонија, а втората љубов ми е сопругот Ѓорги. Ја обожавам Македонија. Прво лугето ми се допаѓаат, иако различно зборуваме, јас ги разбирам по нивната енергија, доаѓаме од слични системи, ми се допаѓа што знаат со многу малку да се забавуваат. Така од чиста мира се договараат за кафе. Јас мислев дека јас најмногу пијам кафе, а доаѓам и од земја која продава кафе ама кај нас кафе се пие на брзина. А тука се седнува на кафе, па потоа ај да јадеме, онака од чиста мира и продолжуваш така спонтано. Ми се допаѓа што каде и да одиш се ти е блиску и пешки можеш да одиш. Ми се допаѓа храната, комбинацијата на храна. Кај нас во Куба речиси сите продукти ги имаме како тука, но така не ја комбинираме храната. Ми се допаѓа климата и тоа можеби најмногу. Ми се допаѓа музиката и ги научив сите ваши песни. Ми се допаѓа концептот на „кафана“, ракија со жива музика. Ми се допаѓа играњето оро, ги знам сите основни чекори. Јазикот ми се допаѓа. Јас многу брзо го научив. Ги сакам сите традиции. А ми се допаѓаат и вашите свадби. Обожавам да одам по свадби. Ма сакам Македонија во се да биде добра, бидејќи ја сметам за моја втора мајка, додава таа.
За да биде оваа слика за Македонија комплетна тука е Ѓорги, за кој Јасмина вели дека е човекот на нејзиниот живот. Се сретнале во кафуле и енергиите веднаш им се споиле.
-Кога прв пат го видов сватив- тој е за мене. И толку. Ми се допадна што носи очила, бидејќи за мене тоа е знак дека е интилигентен, бидејќи мене тоа многу ми е важно. Ми се допадна како изгледа. Мислам дека од прва се појави хемијата меѓу нас. Почна да доаѓа сам во кафулето, па почнавме да си пишуваме. Ѓорги ја сака мојата култура многу, како што јас ја сакам неговата. Кај нас дома тој слуша кубанска музика, а јас македонска. Тој сака да оди по кафулиња, да слуша латино музика, а јас сакам да одам по „кафани“ на музика, по свадби. Јас сакам студено, тој сака плажа. Секој си го сака она што му недостасува. Најдовме компромис, вели Јасмина.
Кога станува збор за љубовта и Ѓорги има само пофални зборови за неа.
-Ја гледав постојано на настапи, ми беше необична и интересна и решив да си ја пробам среќата. Прво ја прашав што правиш ти тука во Македонија и кога ќе си одиш. Таа ми рече нема да си оди од Македонија, многу и се допаднала. Мене не ми се веруваше. Мислев ми прави филмови. Ме праша знам ли да играм и јас реков-не. Ја излажав и побарав демек да ме научи. Ми рече- многу бргу капираш. Хахахаха…. Имавме природна хемија, пријателски се разбиравме. Не внимававме што зборуваме, не се преправаме, нема водење политики. Дирекни сме и отворени, вели Ѓорги.
Јасмина додава дека нивната приказна била многу интересна, како да се создадени еден за друг. Многу бргу сватила дека се ова е судбинско.
По две години врска решиле љубовта да ја озаконат иако и двајцата велат дека потписите ништо не им значат, но ете заради средување на нејзини докумети во Македонија, а и негови на Куба.
Јасмина вели дека во Куба кога детето ќе се роди не го крштеваат, туку оставаат тоа само кога ќе порасне да одлучи што сака да биде. Од таа причина и Јасмина тука се крстела.
-Кај нас нема кога ќе се роди дететето веднаш да го крстат и родителот да му ја определи религијата. Туку кога детето ќе порасне само одлучува што сака да биде. Затоа јас не бев никаде и овде ми се допадна начинот на крстевање. Имам крштеница, имам кум и кума. Многу убаво вели таа.
Традиција во Македонија е мажот да го предложи бракот, но во нивниот случај било обратно. Предлогот го дала таа.
-Таа ми рече што размислуваш ти? Ако сакаш ајде ако не толку, ден два имаш за размислување. И заедно отидовме да купиме прстени. И двајцата не сметаме дека треба да правиме свадба, засега. Нејзините не се тука, моите се починати и затоа таа церемонија не ни беше важна. Се договоривме кога ќе направиме пет години во брак, тогаш. Сега е во процедура средување на документите, но тоа е толку комплицирано што не нервира и двајцата. Како тест за љубов ни е, дали ќе се откажеме, ете тоа е средувањето на документите. Така да немаше клекнување и други класики, ние сме многу практични, вели Ѓорги.
Во Куба најчесто прашање е -дали си среќен? Затоа и на почетокот на Ѓорги му било чудно што Јасмина го прашува нешто што кај нас речиси и да не е својствено.
„Дали си среќен, ако не си среќен како можам да ти помогнам“ е многу важна реченица во кубанската култура. Јас сум премногу среќна овде, се радувам на ситни работи. Се радувам кога ќе се разбудам, што имам уште еден ден, вели Јасмина.
Кога јасмина им рекла дека ќе се мажи во Македонија, нејзините не биле против, туку само ја приофатиле нејзината желба.
-Јас од мала сум независна. Учев музика, студирав надвор од дома и тие имаат доверба во мене и мојот избор. Јас никогаш дома не прашувам, само соопштувам, бидејќи имаат доверба во мене. Кај нас нема филозофирање, многу сме практични, додава таа.
Интересно за Куба е дека цигари не пушат, пури никако, си го почитуваат сопствениот живот и одлуки, нормално е да се мажат или женат и на 70 години, а кога се разведуваат бившите и сегашните партнери се дружат меѓу себе и тоа не е никаков проблем, за разлика од тука, задолжително треба да се караат и да не зборат. Во Куба сите секому му помагаат и ништо не очекуваат за возврат.
За Ѓорги, кога ја посетил прв пат Куба најчудно му било кога ќе седнеле во ресторан секој секому му пробува од чинијата, што кај нас не е така. За Јасмина, пак, најчудно кај нас и било дека треба да се чувствува стара со 30 години:
-Тоа најмногу ми беше чудно, дека сум стара на 30 години. Кај нас воопшто не е така, љубовта можеш да ја најдеш и на 60 на 70 години. Тука многу голем фокус има на тоа колку си стар. Имаш 30 години и ќе ти речат ајде што чекаш, мажи се. На 40 години си ептен стара и ако немаш маж и деца ти поминало времето, те згазило. Тоа воопшто не го разбирам, бидејќи кај нас бариери за години не постојат. Сите живеат како сакаат. Како е можно на 36 или 37 години ти речат- ааа веќе ги имаш годините. Многу е погрешно што луѓето ги прават стари. Мислам дека токму оваа предрасуда луѓето овде ги прави не само да се чувствуваат стари, туку и да изгледаат така. Јас познавам луѓе кои имаат помалку години од мене, а се чувствуваат постари и изгледаат така, вели јасмина и додава:
Сега ми е нормално, но порано ми беше многу чудо кога на една забава посебно се забавуваат машки, посебно женски и меќу себе не се мешаат. Не си прават на здравје. Најлошо е што и едните и другите сакаат да се дружат ама не го прават. И се чувствуваш како да има две различни забави во иста сала. Не ми се допаѓа. Ние во Куба си излегуваме со друштво, секако, но се мешаме со други друштва играме меѓу себе. Машки жениски заедно се. Слободно можеш да играш со некој непознат, а притоа да не се мисли дека некој од вас има задни намери. Во Македонија тоа е срамота. На почетокот кога дојдов јас така играв и луѓето си велеа- што и е на оваа. И место да се забавуваат го земаат телефонот да прави селфи, се чуди Јасмина.
А дека Јасмина веќе е вистинска Македонска покажува и фактот дека добро ги има совладано сите наши навики.
-Се знам, и да пцујам научив. И многу ми е смешно кога вие нема да можете да решите некој проблем и викате: Епа, тоа е! Хахахаха… А јас ги знам сите фрази. Со Ѓорги дома зборуваме три јазици, македонски, шпански и англиски. И тоа е таква мешавина од јазици, многу смешно. Ама ние си се разбираме. А она што ми било најтешко е да ги изговорам зборовите четврток, пепељара и впрочем, се шегува таа.
Весна Миленковска