Организаторите на Олимписките игри во Париз 2024 ја презентираа денеска својата стратегија за продажба на влезниците, објавувајќи оти половина од вкупниот број билети ќе се продаваат во текот на идната година по популарни цени, кои нема да надминат повеќе од 50 евра.
Во продажба ќе се најдат 13.4 милиони влезници, од кои десет милиони за Олимписките игри и 3.4 милиони за Параолимписките игри.
Сите влезници ќе се продаваат во текот на 2023 година по пат на лотарија со задолжителна регистрација, која ќе почне во декември оваа година.
Организаторите објавија дека повеќе од еден милиони билети ќе се продаваат по цена од 24 евра за сите спортови, додека 50 отсто од вкупниот број олимписки влезници ќе чинат 50 евра или помалку од тоа.
Идејата на организаторите е „Игрите во Париз да бидат масовно посетени”, нудејќи „голем број влезници за сите спортови по популарни цени”.
Приходот од влезниците се смета за клучен фактор за вкупниот буџет од четири милијарди евра, а француските организатори се надеваат дека ќе ја избегнат судбината на Игрите во Токио, на кои поради пандемијата на коронавирус немаше гледачи, како и на Зимските олимписки игри, каде на трибините имаше ограничен број посетители.
Организацискиот комитет на Летната олимпијада 2024 во Париз, во декември лани го усвои проектот за церемонијата на свеченото отворање, која првпат во историјата на олимпизмот нема да се одржи на стадион, туку на реката Сена во самиот центар на француската престолнина.
МИА
фото: МОК