Со едно возило Шумската полиција се бори против кражбите на дрва во Штип – има ли крај на вандализмот? – ММС
ММС

Објавено на: 03/17/22 2:46 PM

Со едно возило Шумската полиција се бори против кражбите на дрва во Штип – има ли крај на вандализмот?

Хаварисани стари возила, со исечен лим во задниот дел со цел да собере поголем товар со дрва, се секојдневна слика во Штип, засилена со запрежни возила со истоштени и коскести коњи, кои одвај влечат свежо набрани дрва. Како да им се стави крај на кражбата на дрва, кои потоа се препродаваат, беше една од темите на првиот состанок на Локалниот совет за превенција (ЛСП) на Општина Штип, каде се расправаше уште и за кражбата на вода и струја.

Командирот на Шумската полиција во Штип, Горан Трајков кажа дека кражбата на дрва е секојдневие, против кое се работат седум шумски полицајци во Штип и уште два во Свети Николе, и заедно покриваат територија на три општини со едно единствено возило, кое е неристирирано. Недостасува и простор каде да се стават запленетите дрва и одземените возила, кои до сега се сместуваат на плацот на Шумското стопанство „Серта“ од Штип и таму стојат со години. Како што рече Трајков, во последно време, во нелегалната сеча на дрва се’ почесто се вклучени малолетници. Во 90 отсто се изрекуваат прекршочни казни, парични казни што не може да ги наплати извршител. Некои од сторителите имаат и по педесетина казни. Со тоа, казните многу не влијаат врз намалувањето на трендот.

Во решавање на проблемот да се вклучи општинската комунална инспекција и вработените на јавните претпријатија во грижата за шумскиот фонд, беше еден од предлозите на ЛСП.

Градоначалникот Иван Јорданов, кој претседава со Советот за превенција, кажа дека општината може да понуди и такво решение, додека од Агенцијата за запленет имот ќе побара интервенција со побрзото отстранување на запленетите возила.

Следен проблем за решавање се дивите приклучоци на струја и вода. Цела една дива населба во населбата Света Недела е дивиприклучена на водоводната мрежа, а со тоа, потрошената вода не се плаќа. Директорот на ЈП „Исар“ Трајче Здравков рече дека се бараат начини да се внесат во системот дивоприклучените. Проблемот е што се работи на домаќинства, кои трошат, а не плаќаат и Здравков побара општината да изнајде правно решение за евентуално субвенционирање на нивните сметки.

Од Одделението за односи со етничките заедници, беше потврдено дека во тој дел на градот има многу доселеници од други места, кои зафаќаат простор градат дивоградби или доаѓаат како кираџии во изградените дивоградби. Меѓу нив има и такви кои на градежната инспекција понудиле две па и три лични карти и со тоа не може понатаму да се постапува, бидејќи не може да се утврди вистинскиот сопственик на дивоградбата.

Ова беше првиот состанок на Локалниот совет за превенција, пред кој се повеќе проблеми на заедницата, кои бараат мултисекторски пристап, како што е суштината на ова тело.

Градоначалникот Јорданов побара поажурна работа на институциите, но и поголема будност на граѓаните и медиумите во утврдување и адресирањето на проблемите, особено со пријавувањето на сторителите и затекнатите состојби на терен.