Иако беше најавено дека до 15 март ќе завршат преговорите и вработените во секторот образование и во градинките ќе добијат одговор од усогласување на платите со Колективниот договор, Владата и министерствата одлучиле уште еднаш да го занемарат овој договор.
Поради тоа, иако се остава подотворена врата за преговори, паралелено ќе се одлучува за радикализација, преку масовен јавен протест или генерален штрајк, бидејќи револтот е огромен.
Ова на прес конференција го кажа Јаким Неделков, претседател на СОНК, кој објасни дека до 3 март воделе сериозни преговори за покачување на платите со министерствата за образование и за труд и социјална политика, но резултатот од преговорите е еднаков на нула.
-Математиката покажа сериозна сума, поради што преговорите продолжија на ниво на Влада, да се направи проценка за средствата кои треба да се издвојат. За жал, до денеска немаме одбиено конкретен договор и немаме понуда за усогласување на платите, рече Неделков.
На новинарско прашање за колкава „сериозна сума“ се работи, како што вели, Неделков одговори дека е „нешто повисока од таа што ја издвоила државата лани за купување на автомобили“.
Сепак, СОНК иако дава шанса на дијалогот и преговорите, револтот е огромен, особено во градинките и ученичките и студентските домови.
-Членството очекува енергична синдикална акција, но тоа да не се сфати како одолговлекување или слабост, ќе ги искористиме сите синдикални средства за разговори и преговори. Но, да најавам дека ние во сабота, на седница на Советот на СОНК, ќе расправаме и ќе донесеме заклучоци низ членството. Ќе биде тоа или масовен јавен протест или генерален штрајк, соопшти Неделков.
Како што најавуваат во синдикатот, до среда се очекува да заседава Социјално економски совет, со кој ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски. На овој состанок ќе биде поканет и СОНК, со што продолжува со синдикална борба и на маса, но како што рекоа, правата ќе ги бараат и на друг начин. СОНК смета дека точно е дека треба многу средства за усогласување на платите, но ако има сериозен пристап, сигурно ќе се надминеше. Проблемот не треба да се става под тепих, е ставот на СОНК, бидејќи треба да се најде решенија за целиот јавен сектор, за што во вторник ќе се разговара и на Извршниот одбор на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Како што рече Неделков, ги бараат работничките права што им следуваат според закон, донесен од Законодавниот дом, што сега, тие исти закони, не се почитуваат од страна на министерствата и Владата. За ССМ Неделков реле дека ја искористи позицијата на единствен репрезентативен синдикат и блискоста со Владата и владејачки партии и сега секојдневно одат во државни јавни претпријатија и се договараат за скалесто покачување на плати.
-Ако владата не може да ги задоволи потребите на целата јавна администрација, тоа е влада со два аршини, кажа претседателот на СОНК, Јаким Неделков.