До крајот на март пред јавноста се очекува да биде претставен нов тарифен модел за домаќинствата за плаќање на електричната енергија.
Деновиве се прави анализа за можноста за воведување на блокови за потрошувачка на домаќинствата.
Што конкретно ќе значат овие блокови?
Како што објасни Марко Бислимовски од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе има една гарантирана пониска цена за оние домаќинства, кои ќе имаат најмала потрошувачка. Како ќе расте потрошувачката, ќе расте и цената.
РКЕ и претставниците на власта често го истакнуваат податокот дека еден отсто од домаќинствата користат 20 отсто од струјата. Овие еден отсто треба да плаќаат повисока цена од останатите, бидејќи според оценката, тоа домаќинство што користи толку струја, не троши само за домашни потреби. Одлуката треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, а со ова е согласна и владата.
-Треба да се донесе одлука, тие да плаќаат струја по повисока цена, бидејќи домаќинство што користи толку струја не троши само за домашни потреби. Тоа се домаќинства кои немаат проблем да ги покријат трошоците, а имаат и пари да инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност, рече Бислимовски.
Според премиерот Димитар Ковачевски, дадена е препораката за воведување на блок-тарифи за помала потрошена количина на електрична енергија, која ќе биде тарифирана со пониска цена, со што ќе се заштитат тие што имаат помал доход. Истовремено, ќе се мотивираат за дополнително штедење во користењето на електричната енергија.
-За тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија, ќе има тарифни модели за да платат повеќе. На сметка на тоа, други ќе платат помалку“, кажа премиерот.
Во Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година, пишува дека потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата, половина од корисната енергија ја опфаќа потребата за греење на просторот, додека другата половина се енергетските потреби за осветлување, готвење, топла вода, ладење и други апарати.
Засега нема детали како ќе се оцени како едно домаќинство троши струја само за дома или остварува профит. Ниту за тоа како ќе се градираат износите на потрошената струја, што ќе носат повисоки цени. Како ќе се третираат домаќинствата кои загреваат повеќе и користат неколку уреди за загревање и ладење?
Во соседно Косово, како илустрација, според промените на цените во февруари годинава, домаќинствата кои трошат повеќе од 800 киловат часови електрична енергија месечно плаќаат речиси двојно повеќе. За оние кои трошат над 800 киловат часови, високата тарифа чини 12 центи, а ниската шест центи. Истовремено, за оние кои трошат до 800 киловати, ниската тарифа ќе биде три центи, а високата 7 центи. Според надлежните, околу 20 отсто од домаќинствата на Косово ја надминуваат потрошувачката од 800 киловат часови месечно.
Хрватска, која од први април ќе има нова цена на струјата, исто така има блок тарифи според потрошувачката, но цената ја формираат три компоненти. Промената на висината на сметката ќе зависи од тарифниот модел што го користи корисникот, количината на потрошена електрична енергија и начинот на потрошувачка, односно потрошувачката во повисоки и пониски тарифи.
Во нашите претходни стратешки документи се споменуваат два модели за поддршка на социјално ранливите потрошувачи на електрична енергија: блок тарифи и таргетирани субвенции. Блок тарифите значат воведување на ниски цени на електрична енергија (под реалните трошоци) за социјално ранливите домаќинства, кои би се компензирале со повисока цена на електрична енергија која ќе ја плаќаат другите потрошувачи. Таргетираните субвенции се во форма на ваучери со кои социјално ранливите потрошувачи плаќаат електрична енергија.
Од владата неколку пати соопштија дека целта на воведувањето на блок тарифи е да ги стимулираат домаќинствата на штедење, односно тие што трошат помалку струја ќе имаат пониски цени на струјата, додека другите ќе плаќаат поскапо.
Со драстичното поскапување на цената на струјата на светскиот пазар, Владата ја субвенционира потрошувачката на домаќинствата, со тоа што ја доплаќа разликата во цената. За таа намена, се очекува да бидат потрошени 170 милиони евра.
В.К.