Не се штедело на нови автомобили за време на криза – Државата се подновила со 142 возила за 3,6 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/22 11:49 AM

Не се штедело на нови автомобили за време на криза – Државата се подновила со 142 возила за 3,6 милиони евра

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на набавените нови патнички возила од државните институции во текот на кризниот период од март 2020 година наваму.

Истражувањето покажува дека се набавени нови 142 патнички возила за 3 милиони и 609 илјади евра. Возила набавиле 42 државни институции.

Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните автомобили „пасат“ ги замени со 45 нови „Шкода суперб амбишн“.

Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.

Повеќе од 40 % од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра.

Трите најскапо платени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи Соната“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра.

Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „Шкода“ која со 60 возила води на листата, како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.

Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра.

„Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.

Фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач, го отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале.

Ова е трето вакво истражување на набавените нови возила на институциите. Првото се однесуваше за 2013, 2014 и 2015 година кога државните институции набавиле 323 возила. За овие возила тогаш биле потрошени 5,3 милиони евра. Второто се однесуваше за периодот 2018-2020 година (до почетокот на кризата) кога беа набавени 392 возила за 8,1 милион евра“, стои во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

извор: Центар за граѓански комуникации

фото: Влада.мк