Владата вечерва усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор. Сите буџетски корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и најдоцна до 21 март да достават предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии.
Од владината прес-служба информираат дека мерките за рационализација предвидуваат забрана за започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.
Буџетските корисници и правни лица основани од државата ќе треба за 50 проценти да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службени возила, а ќе треба да го намалат и бројот на службени патувања и бројот на членови на делегации при патувања во странство.
– Буџетските корисници и единките корисници со овие мерки се задолжени до крајот на 2022 година, а на општините, јавните претпријатија, регулаторните тела, АД во државна сопственост и останатите субјекти во јавен сектор им се препорачува да ги почитуваат донесените антикризни мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи, се наведува во соопштението од Владата.