Советот на Општината Штип ја изгласа одлуката за субвенционирање на општинскиот јавен линиски превоз, а беа донесени и другите законски основи за воспоставување на јавен линиски превоз. Со години па и децении граѓаните на Штип немаат можност како и граѓаните на другите општини да користат јавен превоз, туку целата општина е потпрена на можностите на такси превозот.
Со усвоената одлука, утврден е тарифен систем на превоз на патници, според кој се воспоставуваат три зони, и тоа градска зона, со цена од 25 денари дневен билет и месечен од 600 денари. Зона 2 се однесува на населбите Балканска и Македонка, со цена од 30 денари дневен билет и 700 денари месечен билет. И третата зона се однесува на Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман, каде дневниот билет чини 40 денари и 900 денари за месечен билет.
Останува Општината Штип да ја почне постапката за практично воведување на јавен превоз.
Додека да заживее автобускиот, единствената опција за јавен превоз останува авто-такси превозот, кој од денеска и официјално е со повисоки цени. Наместо најавените 80 денари, такси компаниите побараа и добија одобрување на нови цени од 70 денари старт и 30 денари за секој нов поминат километар.
Зошто сега таксистите бараат и официјално да им се одобрат цените, по кои возат веќе подолго време, праша советничката Маријана Рогожарска.
Одговори Глигор Арсов, претседател на Здружението на авто-такси превозниците, кој рече дека ова барање е петто од 2018 година и на последното од март, како што кажа, им се насмеала среќата.
– Се надевам дека кога ќе падне цената на горивото ќе излезете и ќе ја коригирате цената, рече Рогожарска.
Според советничката Сенада Ибримова, цената на такси превозот во Штип е иста како и во Скопје, а и како што рече, не гледа зошто се разговара за цената на такси превозот, кога денеска беа усвоени одлуки со кои се воведува јавен превоз.
На крај поскапувањето на такси превозот беше официјализиран, со мнозинство гласови, со шест воздржани, еден против.