Трговците не криеле гориво, граѓаните ги купиле сите залихи – Зошто инспекторите не утврдиле неправилности кај бензинските? – ММС
ММС

Објавено на: 03/14/22 12:36 PM

Трговците не криеле гориво, граѓаните ги купиле сите залихи – Зошто инспекторите не утврдиле неправилности кај бензинските?

Наглото зголемување на цените на нафтата, бензините и плинот во последните седум дена направи паника кај граѓаните, посебно кај оние што редовно точат гориво за транспорт или дневни потреби. Тие граѓани и први забележаа дека дел од безинските го кријат горивото, посебно дизелот за да сочекаат Регулаторна комисија да утврди повисока цена и да ја продадат со повисок профит.

Редакцијата на ММС доби информации од граѓаните дека се крие гориво, па излезе на терен да провери дали се точи нафта. Некои бензински станици имаа редовоно дизел и точеа без ограничување, а некои станици немаа воопшто правдајќи се дека доцнела набавката. Дел од бензинските, втор викенд по ред немаат нафта, а една бензинска добила наредба да точи нафта само во одреден период од ноќта. Пред  поскапувањето, некои бензински имаа воведено ограничување од 1.500 денари по резервоар.

Во првиот викенд кога се јави дефицитот на дизел гориво, министерот за економија Крешник Бектеши ги повика инспекторите на терен за да утврдат кој го прекршува законот, а ММС побара одговор од Државниот пазарен инспекторат колку бензински биле контролирани и колку од нив не испорачувале дизел.

„Во изминатиот период од страна на потрошувачите имало дојава дека во неколку Трговци на гориво има ограничување при точењето на горивото како во износот така и во количината, за истото ја известиле и Регулаторна комисија, но по дојавите, инспекторите веднаш излегоа на терен со цел утврдување на фактичка состојба“, рекоа за ММС од Државниот пазарен инспекторат.

Контрола е извршена во поголем број на Трговци на гориво на територијата на цела Република Северна Македонија и истите се одвивале во текот на денот и во ноќните часови. Инспекторите константирале дека такви ограничувања немало, односно потрошувачите поради зголемена побарувачка за точење на гориво, ги доведувале трговците до ситуација брзо да ги испразнат нивните резеервоари.

„При досегашните контроли, а по однос на поднесените пријави од страна на потрошувачите, констатирано е дека такви ограничувања немало, ограничувања имало само во поглед на барањата на потрошувачите гориво да точат во канти и буриња, а не само во резервоарите на возилата, што врпочем е и забрането. При контролите пазарените инспектори вршеа контрола врз количинита на залихите на гориво, и утврдено е дека потрошувачите поради зголемена побарувачка за точење на гориво, ги доведувале Трговците на гориво до ситуација на брзо празнење на нивните резервоари. Истото се врши на начин што се контролира како во Сонда електронскиот систем така и физички врз самите ревервоари. Воедно е констатирано дека резервоарите на поединечните Трговци на гориво-Бензински пумпи постојано се надополнуваат“, истакнаа од ДПИ.

Заклучок од инспекциските контроли е дека граѓаните се виновни за немањето залихи на гориво поради зголемената побарувачка, иако бензинските станици за време на тој викенд беа полупразни, а редици за гориво имаше само една вечер во два-три града на истокот од земјава.

Казната за трговците е 4.000 евра на правното лице и 1.200 евра на одговорното лице во фирмата ако го прекршат Законот за заштита на потрошувачите и сокријат гориво.

Орце Костов

фото: ММС/МИА