Во Европа, потрошувачката на алкохол опадна во првата година од пандемијата, но тој пад може да се смени во наредните години кога ќе почнат да се чувствуваат економските последици од Ковид-19, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Во Европскиот здравствен извештај на СЗО, кој се објавува на секои три години, се наведува дека во периодот од 2000 до 2019 година е забележан пад во консумирањето алкохол.
Навиките за пиење се сменија за време на пандемијата и луѓето почнаа да пијат алкохол дома наместо во кафулиња и ресторани, додека вкупно во 2020 година имаше пад на консумирањето алкохол, се вели во извештајот.
Но, европските земји сè уште се најголеми потрошувачи на алкохол во светот.
Падот е помалку забележан кај оние со ниски или просечни примања и кај оние кои се нашле во неволја, како и кај луѓето кои останале без работа или имале други финансиски грижи.
„Со оглед на минатото искуство, економските неволји од пандемијата на Ковид-19 веројатно ќе ја зголемат потрошувачката на алкохол во наредните години, особено кај мажите и оние кои припаѓаат на пониските социо-економски слоеви“, се вели во извештајот.
Извештајот покажал дека земјите од регионот во голема мера постигнале напредок за некои од глобалните цели усвоени во 2015 година, а кои се насочени кон искоренување на сиромаштијата.
На пример, речиси сите земји во регионот ја исполнија целта да имаат стапки на смртност на новороденчиња и деца под 12 и 25 на 1.000 раѓања.
СЗО рече дека земјите треба да му дадат приоритет на здравствениот сектор и да се фокусираат на прашања како што е менталното здравје или ќе ризикуваат да заостанат зад напредокот постигнат од 2015 година.
Преземено од:https://hr.n1info.com/