Вечерва нема да поскапе нафтата – Регулаторна нема да донесе нова одлука за цените – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/22 4:27 PM

Вечерва нема да поскапе нафтата – Регулаторна нема да донесе нова одлука за цените

По најавите на Регулаторната комисија за енергетика дека одлуките од денеска ќе се носат на дневно ниво, денеска повторно се создаде паника меѓу граѓаните. Социјалните мрежи се преполни со претпоставки за нови поскапувања, а некои од свои блиски извори дознаваат дека нафтата ќе се покачи за 1,5 денари.

ММС се обрати до РКЕ за да ги провери информациите за покачувањето за граѓаните да бидат поспокојни. Оттаму рекоа дека денеска нема да има седница и да се донесе одлука за нова цена на горивата затоа што измените во Правилникот ќе се применуваат откако тие ќе бидат објавени во Службен весник, односно од утревечер.

– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги денес (8.03.2022) ги донесе измените во Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт со кои се овозможува РКЕ да носи одлуки доколку берзанските цени имаат значителни промени. Измените се донесени со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, поради состојбата на пазарот со нафтени деривати која е резултат на сложената геополитичката состојба. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. Измените во правилникот ќе стапат во сила следниот ден штом бидат објавени во Службен весник. Во моментов, во сила е сеуште правилникот по кој се одредуваат цени за седумдневен период, што значи дека денес (8.03.2022) РКЕ нема да донесе нова одлука за цените на нафтените деривати – рекоа од РКЕ.

О.К.

фото: МИА