„Наша цел е да го направиме фудбалот број еден спорт во Македонија. Спорт кој ќе биде прв избор и на машкиот и на женскиот пол. Со оваа стратегија сакаме да создадеме услови со кои секое девојче од најмала возраст“, рече промоторот на Стратегијата за развој на женскиот фудбал и потпретседател на ФФМ, Лазар Ракиџиев.
Фудбалската федерација на Македонија денеска ја претстави стратегијата за женски фудбал 2021-2025 „Повеќе жени – повеќе голови” која е посветена на зајакнување и поттикнување на сите жени и девојки да се занимаваат со фудбал, да ги следат своите соништа и да го исполнат својот потенцијал.
Потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев, на настанот истакна дека женскиот фудбал е многу повеќе од елитна изведба, а со зголемување на нивоата на партиципација, како што рече, може да se поддржат многу општествени прашања.
– Можеме да ги подобриме нивоата на физичка подготвеност, да го подигнеме нивото на самодоверба, да создадеме нови можности за вработување и да ги надминеме историските заблуди поврзани со учеството на жените во спортот, посочи Ракиџиев.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, кој изрази задоволство што е тука да ја одбележи можноста да ги промовира жените во спортот.
– Ако спортот е тоа што претставува огледало на општествениот развој, тогаш сликата која што ни се рефлектира, а која е поврзана со рамноправниот развој на родовите, е алармантна, рече амбасадорот, посочувајќи дека е неопходна работа и разбирање со цел подобрување на ситуацијата на жените во фудбалот.
Стратегија, „Повеќе жени, повеќе голови” се состои од пет стратегиски столбови и 30 цели кои ќе помогнат во исполнување на стратешките аспирации за женскиот фудбал до 2025 година.
Првиот столб е „Видливост и перцепција” со која ФФМ претендира на уривање на бариерите преку што ќе го воспостави женскиот фудбал како еден од најдобрите и највозбудливите спортски избори за жени во С Македонија. Потоа следува „Партиципацијата” преку која со поттикнување инспирација имаат за цел фудбалот да го воспостават како еден возбудлив, инклузивен, добредојден и безбеден спорт за сите жени и девојки во земјава.
Со ослободување на потенцијалот преку „Системот на натпреварување” стратегијата ќе создаде секвенцијален и развоен пат за рекреативно и елитно натпреварување за сите жени и девојки кои сакаат да се натпреваруваат. Преку столбот „Репрезентации” – инспирирање на нацијата, ќе воспостават енергична и амбициозна патека за развој на елитни таленти за сите жени и девојки кои имаат сон да се натпреваруваат за Македонија, а во делот на „Приходи” имаат за цел да ја изградат иднината во која ќе го воспостават женскиот фудбал како впечатлив, возбудлив и визионерски спорт во Македонија и ќе соработуваат со многуте партнери кои ја делат оваа визија.
Во стратегијата стои дека секој стратешки столб има своја изјава за посветеност, која ќе ја насочи нивната работа и ќе обезбеди појаснување на заложбите за надминување на пречките, обезбедување платформи, отклучување на потенцијалот, инспирирање и градење на иднина.
МИА континуирано ја следи ситуацијата на жените во спортот во државава и во неколку наврати пишуваше за проблемите со кои се соочуваат, конкретно за фудбалот околу стереотипите и стигмата од опкружувањето, а кои се дел од резолуциите на првата стратегија.
извор: МИА/ФФМ
фото: ФФМ