“Нафта ќе има ама од полноќ, по скапата цена“ – Приватниците ја кријат, а институциите затвораат очи пред профитерството – ММС
ММС

Објавено на: 03/7/22 8:00 PM

“Нафта ќе има ама од полноќ, по скапата цена“ – Приватниците ја кријат, а институциите затвораат очи пред профитерството

Цената на бензините од полноќ се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, а трговците кои вешто ја сокрија нафтата изминатиов викенд, задоволни ќе ги тријат рацете од утре затоа што вечерва повторно некои станици не точеа дизел.

ММС прошета низ неколку бензински пумпи за да види каква е состојбата.

На една приватна бензинска станица на која екипата на ММС сакаше да наполни дизел гориво, не се точеше гориво цел викенд, односно добиле “наредба“ вработените да почнат да полнат од неделата доцна навечер.

Рано наутро на истата бензинска се точеше дизел гориво, но попладнево откако РКЕ ги објави цените кои ќе важат од утре, вработените рекоа дека нафта нема ни за лек.

– Од саботата немавме, па во неделата доцна навечер ни рекоа ајде полнете. Утрово имаше залихи, но еве сега повторно немаме. Никогаш ова не се случило. Немам нафта да си наполнам ниту јас за 500 денари – рече вработениот на локалната бензинска станица.

Тимот на ММС пронајде друга станица на која почна да се создава гужва по десет минути откако РКЕ ја објави новата цена. Младото момче кое не услужуваше рече дека има наредба да полни само по 1.500 денари од возило.

– Имаме дизел повелете. Но, само 1.500 денари можам да полнам по автомобил. Цел ден не знаеме што не снајде со гужвите. Некои бензински упорно ја криеја нафтата неколку дена за да заработат од утре по новата цена затоа што знаеја сите дека ќе се покачи – рече вработениот на станицата.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека финансиската полиција, УЈП, Државниот пазарен инспекторат ќе вршат контроли на терен, но засега ниту една државна институција не забележа дека приватните бензински станици ги кријат залихите за профит, иако во пракса граѓаните знаат дека се случува токму тоа.

– Цените на нафтата и дериватите во земјава и понатаму ќе бидат најконкурентни и најмали во регионот. Сите резерви на деривати и државни и оперативни се полни и испораки се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации – истакна вчера Бектеши за шпекулациите кои на крајот се покажаа вистинити: цената порасна енормно, а нафта нема иако тој тврдеше дека залихи кај компаниите има.

Само “Макпетрол“ денес призна дека имал проблеми со залихите со дизел гориво, но ќе бидат надминати во текот на вечерта со испорака до сите станици низ земјата откако направил нарачка во “Окта“.

Сепак, оттаму порачаа дека набавката на гориво во буриња, канистри и канти е спротивна на законските регулативи, со што суптилно најавија дека возачите ќе немаат слобода да одлучат колку гориво ќе купат.

РКЕ ваквата одлука за покачување ја донела поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.

– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.

– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.

 

Орце Костов