Минатата ноќ провалник влегол во велешката гостилница „Боем“ и ја одзел кутијата во која се наоѓале средствата, што се собираат за хуманитарни цели.
Провалникот ја скршил вратата од задната страна на гостилницата и потоа ја одземал кутијата со донации во која велешани секојдневно оставаат пари за да им се обезбеди топол оброк на социјално ранливите категории на граѓани во Велес.
Сопственикот на гостилницата Трајче Мешков неколку години по ред со помош на други хумани велешани ја организира и спроведува акцијата ,,Нула гладни во Велес“. Тој на Фејсбук напиша дека со својот тим ќе продолжат и понатаму да обезбедуваат оброци за секој на кого му е потребно, а провалникот го покани на кафе и топол оброк.
ММС го контактираше сопственикот на гостилницата, Трајче Мешков кој рече дека крадецот и е познат на полицијата од претходно.
– Еднаш ни ја украдоа кутијата за донации додека стоеше надвор и ни ја фрлија во реката Вардар. Вториот пат се дрзнаа да влезат внатре претпоставувајќи дека ќе најдат пари во касата, но не нашле. Дечкото бил културен, си ја испразнил кутијата со парите и ја оставил. Ние 99% го познаваме него, само чекаме полицијата да потврди – рече Мешков.
Крадецот за малку ќе ја расипеше денешната акција на гостилницата која подготви бело гравче за чист понеделник и баклава за ранливите категории на граѓани. Но, сопственикот Трајче Мешков поради празникот решил да му прости и на крадецот и го покани да дојде да си земе оброк.
– Денес даваме гратис бело гравче за чист понеделник. Учениците од „Коле Неделковски“ подготвиле баклава за оваа пригода. Утрово бев многу лут. Ние се трудиме да помогнеме, а некој не краде. Сум го видел крадецот, чека ред таму кога даваме акции. Денеска е прочка и се простува, акцијата ќе ја истераме денеска, простено нека му е и него, ако сака нека дојде ќе му дадеме бело гравче и баклава – додаде Мешков за ММС.
Тој организира акции четврта година по ред и паузи се прават само во јули и август. Се собираат пари по разни основи: уплата на жиро сметка, собирање донации во кутија и донирање на храна. Кутијата која крадецот ја украде ранеше дневно 20 до 30 луѓе со помош на Црвениот крст.
Гостилницата со своите донатори на секој христијански празник дава по 500 до 600 оброци и досега има донирано 20.000 оброци кои чинат 20.000 евра и се наменети само за социјално загрозените граѓани.
О.К.
фото: скриншот