Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.
Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица.
Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.
Првата недела на постот се вика Недела на Православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот Крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страстна или Велика недела.
Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:
Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.
Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.
Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.
Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.
Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.
Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.
Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.
Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.
Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.
Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.
Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.
Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.
Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.
Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.
Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.
Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.
Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.
Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.
МИА