Новата Клиничка болница во Штип, кој се гради петта година, остана без финансирање, откако Банката на Советот на Европа се повлече од проектот и не уплати близу 14 милиони евра. Но, затоа Министерството за здравство, почна да се раскусурува со грчката компанија „Интракат“, која го доби тендерот за градба и веќе неколку пати го пробива рокот за завршување на објектот. Иако работите на објектот се одвиваат бавно, во прва прилика, кога со одлука на Врховниот суд беше одблокирана сметката на оваа компанија, Министерството за здравство, во текот на декември 2021 година и јануари годинава, уплатила нови средства.
Ова стои во одговорот на Министерството, откако ММС побара официјална информација.
-Исплатени се 11.335.428 евра, а исплатите се извршени на почеток на декември, 2021 година и првата половина од јануари, оваа година, соопшти МЗ.
Во одговорот Министерството пренесува податоци од Проектната единица, каде е евидентирано дека договорот за изведба на Клиничката болница во Штип е реализиран 31отсто, а крајниот рок за завршување на целиот објект е 30.06.2023 година.
Да потсетиме дека прво се најавуваше болницата да биде завршена до 2018 година, потоа 2020-та, а со последниот договор со грчката компанија, рокот за завршување е пролонгиран до 2023 година.
Токму застанатите активности од 2017 година на градбата на објектот, беше образложението од финансиерот – Банката на Советот на Европа, да не ја додели последната транша за болницата.
Проблемите настанаа откако „Интракат“ го раскина договорот од „Бетон – Штип“, како подизведувач на објектот, по што двете компании се најдоа на суд. „Бетон – Штип“ побара преку суд „Интракат“ да му исплати два милиони евра за завршените работи. Во меѓувреме, штипската компанија отиде во стечај, а „Интракат“ продолжи да работи на незавршениот објект.
Од Министерството за здравство одговорија дека работите на Клиничката болница во Штип не се застанати.
-На објектот на КБ Штип работат до 100 работници на дневно ниво и активно се работи на поставување челична конструкција, поставување спуштен плафон во објект на линеарен акцелератор, како и завршни работи на фасадата и други технички градежни активности, одговорија од МЗ.
Новиот објект на штипската болница во Штип почна да се гради во 2016 година. На површина од 34.000 квадратни метри објектот се проектира со вредност од 56 милиони евра, од кои 30 милиони евра во градежниот дел.
В.К.