И Владата смирува – Имаме доволно резерви на нафта и жито – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/22 9:51 AM

И Владата смирува – Имаме доволно резерви на нафта и жито

Откако во последните неколку дена се создаде паника прво за жито, а вчера и за нафта, па граѓаните во редови чекаа де во маркетите, де пред бензинските станици, Владата смирува дека Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви.

Граѓаните велат не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката.

– Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини, се вели во соопштението од Влада.

Дополнително, Владата информира и дека државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви. Според информациите на Министерството за земјоделство  во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

– Важно е граѓаните да знаат дека согласно официјалните статистички податоци, имаме зголемување на производството на пченица кое од 195 илјади тони во 2017 година, лани е зголемено на 253 илјади тони. Владата и во следниот период продолжува со ова темпо на инвестиции во земјоделското производство, сé со единствена цел да обезбедиме сигурност во производството на стратешките земјоделски гранки. Познато е дека ако домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија. Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87 илјади тони, додека во 2021 година е намален и изнесува 74 илјади тони, велат од Владата.

 

Т.Н