Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски вчерашното однесување на сопствениците на бензинските пумпи, кои го ограничија точењето на гориво за граѓаните во исчекување на ново поскапување, ги оцени како „неверојатни воени профитери“, „класа на луѓе, кои чекаат ситно да заработат на грбот на граѓаните“.
-Апсолутно немаат право и ние ја известивме Пазарната инспекција, која вчера цел ден беше на терен. Откако ќе ги добиеме извештаите, ќе поднесеме информација до Обвинителството да преземе мерки. Она што загрижува на одредени бензински пумпи се продавало нафта до 500 денари и сето тоа го прават одредени компании, некои немаат ни лиценца, со една единствена цел да задржат одредени количини на деривати да заработат, изјави Бислимовски за „Утрински брифинг“.
Во однос на однесувањето на трговците, вклучувајќи ги и маркетите покрај бензинските пумпи, Беслимовски рече дека не гледаат во какви услови е цела Европа, и гледаат само да заработат.
Како што рече, во моментот не се користат резервите на бензин, затоа што ние во најголем дел горивото го набавуваме од Грција и нема никаков проблем.
Во текот на вчерашниот ден прво во Штип, а потоа и во некои други градови се создадоа редици пред бензинските пумпи, откако на социјалните мрежи беше пренесена информација дека се ограничува точењето, а од понеделник ќе има драстично поскапување. Неофицијално, паниката во Штип тргна откако една од малите бензински пумпи го ограничила точењето на гориво, по што почна да се шири информација дека во следните денови нема да се продава гориво, се’ до вторник, кога се очекува значаен раст на цените.
Марко Беслимоски од РКЕ најави дека не очекува поевтинување во наредните недели, со оглед на количините кои се произведуваат во Европа.
-Не сум оптимист дека во наредните недели ќе има поевтинување. Трендот е лош, изјави Беслимовски.