Станислав Петров е човекот кој спречил нуклеарна војна во 1983 година. Рускиот офицер на компјутерскиот систем во бункерот на 26. септември видел предупредување дека од САД кон Москва се истрелани пет ракети со нуклеарни боеви глави. Неговата работа била да регистрира какви било непријателски проектили.
Кога го видел тоа на екранот, се смрзнал и останал в место.
– Сирените свиреа, но јас само стоев неколку секунди гледајќи во големиот црвен екран на кој пишуваше „лансирање“, раскажал офицерот години подоцна.
Системот покажувал тревога на највисоко ниво.
– Минута подоцна беше лансиран и друг проектил. Па потоа и трет, четврти и петти. Компјутерот ја смени тревогата од „лансирање“ во „ралетен удар“, рекол Петров за „Би-Би-Си“.
Иако немало конкретно правило за тоа колку долго смее да размислува пред да го пријави нападот кај своите надредени, тој знаел дека секоја секунда одложување е од пресудно значење. Раскажал дека морал да ја подигне телефонската слушалка, но едноставно не можел да го стори тоа. Се чувствувал како да седи на вжештена тава.
Петров вели дека се сомневал. Знаел дека неговата одлука би можела да значи и почеток на нуклеарна војна и крај на светот што дотогаш го познавал.
Според протоколот тој веднаш требало да ја извести советската војска, но наместо тоа пријавил дефект на системот.
Доколку тогаш згрешел, знаел дека по неколку минути би одекнала првата нуклеарна експлозија.
– По 23 минути сфатив дека ништо не се случува. Да беше напад ќе знаевме за него. Тоа беше вистинско олеснување, вели Петров.
Иако го спасил светот од нуклеарната кафастрофа која би следела откако Русија би истрелала ракети како реакција на непостоечките американски, Петров бил прераспределен на место со понизок ранг.
По распаѓањето на СССР, неговата приказна стигна до медиумите по што доби и бројни меѓународни награди.
Станислав Петров починал во Русија во 2017, на 77 годишна возраст.
Извор: www.bbc.com
Фото: Принтсктин видео