ЕУ смета на Србија за гласањето во ОН за агресијата на Русија, Дачиќ вели дека нема да застанат на ничија страна – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/22 11:56 AM

ЕУ смета на Србија за гласањето во ОН за агресијата на Русија, Дачиќ вели дека нема да застанат на ничија страна

Претседателот на Собранието на Србија во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, изјави дека по повод руската инвазија на Украина се очекува Србија „да застане на нечија страна”, вклучително и да ја усогласи надворешната политика со ЕУ, оценувајќи дека тоа не е во интерес на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сега сме во ситуација кога од нас се очекува да застанеме на нечија страната. Секој тргнува од своите интереси. Логично е Србија да тргнува од своите интереси. Ние немаме интерес да водиме политика во согласност со очекувањата на Истокот и Запад, туку се водиме од нашите интереси. Го почитувам она што го велат од Брисел, но наша обврска е да ја усогласуваме надворешната политика со политиката на ЕУ постепено додека не влеземе во ЕУ, изјави Дачиќ за РТС, додавјќи дека Србија тоа не го очекува во блиска иднина.

Тој вели дека ЕУ не гарантира дека Србија ќе влезе во Унијата утре, туку за 10,15 или 20 години. Па следствено на тоа, според Дачиќ и тие ќе ја усогласат нивната надворешна политика за толку години.

– Од друга страна, дали ќе го повлечат признавањето на Косово и Метохија? Дали ќе престанат да го нарушуваат територијалниот интегритет на Србија, а не да ја тераат Србија да воведе санкции против земјата која најмногу ги штити нашите национални и државни интереси, изјави Дачиќ.

Дачиќ оцени дека Србија ги уважава позициите на ЕУ за „почитување на принципите на територијалниот интегритет”, како и дека „не е добро” што Русија го нарушила територијалниот интегритет на Украина. Но сепак вели дека ова е „лицемерие, недозволиво и неприфатливо за Србија“ и „тој што сака да воведеме санкции кон Русија не е против Русија, туку против Србија”.

-Утре ќе бараат Косово да влезе во НАТО, утре ќе бараат Косово да влезе во ОН. А на кого ние ќе се обратиме, на Русија. Ако им воведеме санкции, немаме кому да се обратиме. Вратете ни го принцип на територијален интегритет, поништите го признавањето на Косово, подготвени сме да разговараме, изјави Дачиќ.

Претходно шефот на делегацијата на Европската унија во Србија Емануел Жофре и шефовите на мисиите на земјите-членки на ЕУ во Белград во заеднички авторски текст во денешен Курир порачаа дека сметаат на Србија на гласањето „за резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за руската агресија врз Украина”, јави дописникот на МИА од Белград.

-Дел од пристапувањето во Унијата е целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Денеска Генералното собрание на ОН ќе гласа за резолуцијата на ОН за руската агресија врз Украина. Секој глас е важен. Секој глас се смета. А ние сметаме на Србија”, се вели во текстот објавен во Курир.

Како што истакнаа тие, „ЕУ ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина” и дека „Русија мора веднаш да прекине со воената акција, безусловно да ги повлече сите свои сили; и воената опрема од целата територија на Украина и целосно го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина”.

-Употребата на сила и принуда што ги користи Русија нема место во 21 век. Војната никогаш не е решение, како што болно го доживеаја народите на Балканот на крајот на минатиот век. Со ставањето во приправност на своите нуклерани сили, Русија оди потполно по неодговрен пат, порачаа амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Белград.