Зошто за Русија е важно да го освои украинскиот град Херсон? – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/22 11:22 AM

Зошто за Русија е важно да го освои украинскиот град Херсон?

Доколку се потврди заземањето на украинскиот град Херсон, а засега таа информација доаѓа само од руското Министерство за одбрана, тоа би било од големо стратешко значење за Русија, пренесува Хина.

Херсон има речиси 300.000 жители. Тоа би бил најголемиот украински град кој паднал во руски раце. Неговата стратешка улога е исто така значајна: тој би можеа да послужи како клучна база за руската армија во навлегувањето во внатрешноста и кон запад, долж брегот до големиот пристанишен град Одеса.

Херсон е голем украински индустриски центар и важно пристаниште на Црното Море.

Преземањето контрола врз овој град би значело и контрола врз главниот извор на вода.

По руската анексија на Крим, Украина го прегради северниот канал на Крим, прекинувајќи го најголемиот дел од снабдувањето со вода, што доведе до голем недостиг во регионот на Крим. Затоа, деблокирањето на водоводната рута и повторното воспоставување на водоснабдувањето на полуостровот Крим беше една од првите цели на руската воена инвазија врз Украина.

Украинското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека јужниот град Херсон паднал во рацете на Русите, јави дописникот на Си-Ен-Ен од Киев.

– Според информациите од нашата бригада, во моментов се водат борби, изјавил портпаролот на Министерството.

Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека руски војници го зазеле градот Херсон во јужна Украина. Според руски извештаи, руските сили синоќа влегле во Херсон и руската армија синоќа била на улиците на градот.

Градоначалникот на Херсон Игор Коликаев утрово информира дека многу луѓе загинале, вклучително и украински војници и цивили, а владините претставници сега се обидуваат да обезбедат луѓето да го напуштат градот или да се засолнат.

– Синоќа додека јас и мојот тим бевме во градското собрание, зградата беше гранатирана. Сите се живи. Но, повторно ве замолувам: не излегувајте од дома. Не предизвикувајте пукање со вашите постапки и однесување. Ние сме во многу тешка ситуација, нема потреба да ја влошуваме. Денеска ќе работам за да најдам начин како да се соберат мртвите, како да се врати струјата, гасот, водата и топлината каде што се оштетени. Но, веднаш ве предупредувам: да ги исполниш овие задачи денес значи да направиш чудо. Сега сите чекаме чудо. Тоа ни треба, напиша Коликаев на Фејсбук.

МИА