Во тензична атмосфера синоќа пред 23 часот заврши расправата за разрешувањето на Зендели во Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/22 10:15 AM

Во тензична атмосфера синоќа пред 23 часот заврши расправата за разрешувањето на Зендели во Собранието

Собранието денеска ќе направи нов обид да ја одблокира Комисијата за прашања на изборите и именувањата, откако синоќа пред 23 часот беше прекината по долга и тензична расправа. Предлог одлуката за разрешување членот на оваа Комисијата, Фадил Зендели од БЕСА, ги вжешти дискусиите, а пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа оваа прва точка од дневниот ред, да се смени со други точки. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ поднесоа 400 амандмани, кои беа одбиени. Обвинија за прекршување на собранискиот Деловник и посочија дека мнозинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, зашто им е потребно мнозинство за, како што рекоа, да аминуваат штетни политички одлуки. Од владејачкото мнозинството, пак, оценија дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела на Собранието.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека намерата на власта преку промена во оваа Комисија, првично да изберат уставни судии по свој терк, Љубомир Јосифовски со изборот да биде награден, додека сестрата на пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева да влезе во Уставниот суд.

Предлогот за промена на Зендели е поднесена од пратениците Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска и Жаклина Лазаревска.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата веќе подолго време не работи, откако претседателот Костадин Костадинов беше избран за градоначалник на Струмица. Пред Комисијата се повеќе избори и именувања, како заменици на Народниот правобранител, Комисијата за антидискриминација, повеќе второстепени комисии, а повеќе од две години е и изборот на нови челнови на АВМУ и Советот на МРТВ.

Се очекува уште една долга и полемична расправа, а за да излезат на говорницата чекаат 32 пратеници.

На дневниот ред на продолжението на 64-тата седница на Собранието се и предлог законите за дополнување на Законот за Јавното обвинителство, на Законот за Советот на јавните обвинители и за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, трите по скратена постапка и поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство.

На седницата се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на Законот за животната средина и на Законот за внатрешни работи, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, трите во второ читање.

По скратена постапка треба да се разгледа и Предлог законот за изменување на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, а во прво читање е Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Пратениците во рамки на седницата треба да расправат и за Барањето за давање на автентично толкување на член 15 став (2), а во врска со став (4) од Законот за спречување и заштита од дискриминација, поднесен од пратеничката Маја Морачанин и за Предлог декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, поднесена од пратениците од опозицијата.