Нема потреба да продолжи скринингот кај учениците, вели министерот Сали – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/22 2:21 PM

Нема потреба да продолжи скринингот кај учениците, вели министерот Сали

Министерот за здравство Беким Сали смета дека согласно резултатите, нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците, бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал. Тој напомена дека бројките на новозаразени секојдневно се следат и сега се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран.

– Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринигнот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза ан смирување на четвртиот бран, изјави Сали по одбележувањето на Денот на ретки болести.

На новинарско прашање дали на утрешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се предложи дополнително намалување на мерките, министерот посочи дека прво ќе се направи анализа на епидемиолошката состојба и таа ќе даде насока во кој правец ќе се движиме.

– Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела, и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот, додаде Сали.

Тој напомена дека засега не може да каже дали ќе има олеснителни мерки во однос на тргање на маските на децата од училиштата, како ќе постапат во идниот период зависи од утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести.

По повод одбележување на денот на ретките болести, министерот рече дека и оваа година очекува да со ребалансот по потреба се зголеми буџетот за терапија на пациенти со ретка болест.

– Буџет од страна на Владата се спрема на крајот на годината за следната година и нормално бројот на пациенти кои имаат потреба од терапија за ретка боелст не може да се предвиди и секако со ребаланс секоја година се зголемува буџетот кој што претходно е предвиден. Секој пациент кој има потреба од терапија е згрижен во клините на Клинички центар кај нас, така што немам некои информација за пациенти кои не ја добиваат терапијата, рече министерот Сали.