Планинари од Македонија, Србија и Бугарија снегот ги заглави во „Молика“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/22 3:23 PM

Планинари од Македонија, Србија и Бугарија снегот ги заглави во „Молика“

Над стотина планинари, кои вчера го искачуваа Пелистер, од изутрината чекаат да се расчисти патот да можат да тргнат кон дома.

Стационирани се во хотелот „Молика“, во чија околина има над 70 сантиметри снег. Како што информираа, во контакт се со екипите на „Македонија пат“, од каде најавиле дека ќе го расчистат патот. Возилата им се на паркингот и почнале сами да расчистуваат и прва прилика да тргнат на пат.

Според директорот на „Македонија пат“, Костадин Ацевски, претпладнето патот еднаш веќе бил расчистен, но во меѓувреме паднал нов снег.

-Кога пристигнал камионот на „Македонија пат“ на паркингот, гостите на хотелот одлучиле да останат до ручек, но во меѓувреме формирана е нова снежна покривка. Очекуваме во наредниот час да пристигнат уште две возила на Македонија пат“ и на ЈП „Нискоградба“ од Битола, кои до сега го  расчистуваа патот кон Нижеполе, изјави Ацевски.

Камионот на „Македонија пат“ по расчистувањето на патот завршил со дефект, по што останал речиси еден час на паркингот. Ацевски вели дека патот кон „Молика“ по конфигурација е лош, меѓутоа, се очекува да биде расчистен.

Според него, проблем по некои од македонските патишта се и возилата на граѓаните, кои немаат соодветна зимска опрема, па често се случува да заглават, по што се создава колона со возила. Така било изутрината кај Стража.

Снег врне во поголем дел од државата, што го отежна одвивањето на сообраќајот.

ММС

фото: ФБ