Трговците се против „замрзната“ маржа, бараат таа да е 20 отсто, бидејќи ќе немале ќар – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/22 3:56 PM

Трговците се против „замрзната“ маржа, бараат таа да е 20 отсто, бидејќи ќе немале ќар

Членките на Стопанската комора денеска побараа итна средба со министерот за економија Крешник Бектеши за дополнителни консултации за наоѓање избалансирано решение за замрзнувањето на маржите во трговијата на големо и на мало, што треба почне да се применува од почетокот на следниот месец.
Според нив, маржата треба да биде во висина од 20 проценти, а потребна е и корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа.

Ако не се направи корекција на листата, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат. Тоа го соопштија од Здружението за трговија и Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, во врска со одлуката на Владата со која трговска маржа ќе биде до 5 проценти на продажната цена во трговијата на големо, а до 10 проценти во трговијата на мало.

„Само за плати се издвојуваат 8 до 14 проценти од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата тој ќе биде и повисок. На енергенсите отпаѓаат 5 до 6 проценти, на одржување 7 до 10 проценти, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 проценти од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20 проценти во трговијата на мало“, соопштија компаниите.
Тие бараат и корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите. Во спротивно, ќе бидат принудени овие производи да ги откажат.
Со одлука на Владата од 1 март до 31- мај годинава највисоката трговска маржа на продажната цена пресметана во трговијата на големо ќе изнесува до пет проценти, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало. Мерката се однесува на: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица и овошје и зеленчук. Целта е да не дојде до зголемување на цените во услови на енергетска криза.