„Претседателе Путин, од се срце ви велам, запрете ги вашите војници, премногу луѓе умреа“, рече генералниот секретар на ООН, Гутереш – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/22 11:12 AM

„Претседателе Путин, од се срце ви велам, запрете ги вашите војници, премногу луѓе умреа“, рече генералниот секретар на ООН, Гутереш

Европскиот Совет и Европската Комисија заеднички ја осудија руската инвазија во Украина која започна во текот на оваа ноќ, лидерите на земјите членки на ЕУ се состануваат вечерва за вонреден самит, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Го осудуваме на најостар може начин рускиот воен напад без преседан врз Украина. Со своите неиспровоцирани и неоправдани воени дејствија, Русија најбрутално го крши меѓународното право и ја поткопува европската глобална безбедност и стабилност, порачаа преку заедничко соопштение претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.

ЕУ ја повика Русија под итно да стави крај на нападот и да ги повлече своите сили од Украина.

Дваесет и седумте шефови на држави и влади на ЕУ во текот на денот ќе пристигнат во Брисел за вонреден лидерски самит на ЕУ за да се координираат за начинот на кој треба да се одговори на рускиот напад и да одлучат за нови посилни санкции против Москва.

Првата фаза од санкциите на ЕУ беше усвоена вчера. Денеска Европската Комисија ќе им предложи на лидерите усвојување на нов пакет поостри рестрикции.

ЕУ додаде дека е подготвена да и помогне на Украина со итна хуманитарна помош и ќе се координира со членките на НАТО и Г7 кои исто така се состануваат денеска.

Шефот на НАТО Алијансата ја осуди руската инвазија на Украина која започна ноќва и свика состанокот на сојузниците, јави дописничката на МИА од Брисел.

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, најостро го осуди нападот врз Украина.

-Повторно и покрај нашите постојани предупредувања и незаморни обиди да се ангажираме во дипломатија, Русија го избра патот на агресијата против суверена и независна земја, изјави Столтенберг утринава преку писмена реакција.

За НАТО ова претставува сериозно нарушување на меѓународното право и закана за евроатлантската безбедност.

-Ја повикува Русија да стави веднаш крај на воените дејствија и да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Столтенберг најави состанок на членките на НАТО во Брисел утрината. Тој ќе започне околу осум часот.

Сојузничките ќе се координираат за одговор на рускиот напад и ќе ја повторат нивната солидарност со украинскиот народ.

-НАТО ќе стори сѐ што треба за да ги заштити и одбрани сојузниците, додаде шефот на НАТО. тм/

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш упати апел до рускиот претседател Владимир Путин да не издава наредба до војниците да ја нападнат Украина во контекст на извештаите за неизбежен напад.

„Денот беше полн со гласини и индикации дека е неизбежна офанзива против Украина”, рече Гутереш на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

„Значи, ако навистина се подготвува операција, имам само едно да кажам од се срце. Претседателе Путин, запрете ги вашите војници да ја напаѓаат Украина, дајте му шанса на мирот. Премногу луѓе веќе умреа”.

Во тек е итна седница на Советот за безбедност на ОН. Амбасадорот на Украина во ОН Сергиј Кислица изјави дека рускиот претставник во ОН потврдил дека неговиот претседател Путин и објавил „војна на мојата земја”, пренесува Би-Би-Си.

МИА

фото: BBC.co.uk