Притисокот е намален, буквално е преполовена бројката на хоспитализирани пациенти во однос на бројката што се бележеше пред еден месец, тврди директорот на штипската клиничка болница Ален Ѓорѓијев.
„Се надевам дека и понатаму ќе одиме надолу со бројките на хоспитализирани пациенти. Имаме многукратно намален број на пациенти и во амбулантата, што е веројатно доказ дека полека овој бран го губи здивот. Со тоа се намалија притисоците и врз останатите оддели, бидејќи знаете дека во пикот на овој бран, голем дел од вработените, лекари, медицински сестри како и останат персонал беа ангажирани да помагаат на Инфективно одделение. Сега полека ги враќаме на нивните оддели за да си ја вршат својата работа,“ информираше Ѓорѓијев.
Според информациите од Министерството за здравство, заклучно до вчера во Штип има 59 активни случаи на заболени од Ковид 19, а досега се инфицирани 7877 лица.