Јајца, леб, брашно, масло и други продукти нема да поскапат – Бектеши им го замрзна ќарот на трговците – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/22 2:47 PM

Јајца, леб, брашно, масло и други продукти нема да поскапат – Бектеши им го замрзна ќарот на трговците

Одлука за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, донесе Владата на денешната седница.
Највисоката трговска маржа да изнесува до пет отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, потоа 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот, е предвидено со одлуката.

Мерките стапуваат на сила од први март, информираше на денешната прес-конференција Министерот за економија Крешник Бектеши.

„Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат трговците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителите. На листата на основни прехранбени производи сега се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, рече Бектеши

Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици, прецизира Бектеши.

Најавени се и глоби за трговците коишто нема да се придржуваат на одлуката.

„За прекршување на овие мерки согласно член 30 од Законот за трговија предвидени се глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, рече Бектеши.

Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците и ги повика граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.