Уште 57 денари ни фалат за да ја достигнеме платата која ја вети Заев – За декември просекот е 29.943 денари – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/22 1:35 PM

Уште 57 денари ни фалат за да ја достигнеме платата која ја вети Заев – За декември просекот е 29.943 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен лани во декември изнесувала 29.943 денари што е зголемување за 5,8 отсто во однос на декември 2020 година.

Како тргнало, за месец или два, просечната ќе стигне 30.000 денари, сума која ја вети бившиот премиер Зоран Заев уште во 2017 година кога за првпат ја формираше владата предводена од СДСМ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето, пред сѐ, се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање за 13,1 отсто, Градежништво за 12,6 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 12,1 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот за 10,4 отсто, Финансиски дејности и дејности на осигурување за 9,1 и Градежништво за 7,6 отсто.

Просечната месечна исплатена бруто-плата, пак, по вработен, во декември 2021 година, изнесува 44.711 денари и е зголемена за 5,9 отсто во споредба со истиот месец од 2020 година.

Тоа се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање за 12,9 отсто, Градежништво за 12,5 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 11,8 отсто. Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот за 9,9 отсто, Финансиски дејности и дејности на осигурување за 9,4 и Рударство и вадење на камен за 7,4 отсто.

МИА