(Видео) Резил на меч во Скопје – Родители влетаа на терен да тепаат туѓи деца пред своите деца – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/22 12:15 PM

(Видео) Резил на меч во Скопје – Родители влетаа на терен да тепаат туѓи деца пред своите деца

Срамни и насилнички сцени приредиле неколку родители со „вжештени глави“ во салата „Градски парк“ во Скопје откако се обиделе се да истепаат деца пред очите на своите деца.

На кошаркарскиот натпревар во младинската лига за деца до 14 години помеѓу Работнички и МЗТ Скопје кој требало да биде дерби, родители на деца од МЗТ Скопје по една судиска одлука влетале на теренот и се обиделе да нападнат малолетно дете од тимот на Работнички.

Немилите сцени во славната кошаркарска сала го прекинале мечот на неколку минути, а се почнало кога едно лице од публиката се стрчало кон кошаркар од таборот на Работнички за да го истепа, но било спречено. На видеото кое го објави тимот на Работнички на својот профил на Фејсбук се гледа дека потоа влетуваат уште неколку родители по што настанува мешаница на паркетот.

Целиот скандал се случува пред деца кои од трибините гледаат со неверување и се срамат од возрасните што предизвикаа неверојатна глупост која ќе има големи последици.

ММС го контактираше младинскиот клуб Работнички кој го осудува овој чин и очекува казна за двете лица кои ги предизвикаа немилите сцени.

– Нашиот играч го изблокира противничкиот играч што потоа му се внесе во лице со што беше соодветно санкциониран од страна на судиите. Потоа двајца родители од таборот на МЗТ Скопје влетаа на теренот и се обидоа физички да нападнат малолетно дете до нашата екипа при што беше спречен поголем инцидент. Тие пробаа од трибините да се пресметаат и со друго малолетно дете, како и со нашиот тренер. Целата ситуација се смири кога нивниот тренер и еден од родители на противничките кошаркари скокнаа и ги задржаа. Потоа дојде полиција за да го реши случајот. Едниот родител побегна, а другиот остана со полицијата – изјави за ММС, службениот претставник на клубот, Матеј Радевски кој додаде дека Работнички е најголем кошаркарски бренд кој нема да дозволи овој настан да помине неказнет.

Клубовите кои се домаќини на кошаркарски натпревар имаат должност да го пријават натпреварот во МВР и да организираат обезбедување во салата.

– Имавме должносрт да го пријавиме во МВР и тоа го сторивме. Немавме наше приватно обезбедување и тоа е наш пропуст. А полицијата беше надвор бидејќи се беше добро до последните минути од натпреварот кога се случи инцидентот – додаде Радевски.

Еден од родителите добил прекршочна пријава, а другиот избегал од местото на настанот.

„На 21.02.2022 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска сала Градски парк – Работнички за време одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу екипите на Работнички и МЗТ Скопје до 14 години, И.С.(39) од Скопје недозволено влегол на теренот. Полициски службеници сочиниле записник за констатиран прекршок по член 3 став 1 од Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортски натпревари. Исто така од страна на делегатот на натпреварот посочено е и друго лице кое исто се симнало на спортскиот терен за што се преземаат мерки за индентификација и соодветно санкционирање“, соопштија за ММС од МВР.

Орце Костов

фото: принтскрин

видео: youtube/sportmedia