Граѓаните се жалат на измами при купување на социјалните мрежи, надлежните апелираат да се внимава со давањето на личните податоци – ММС
ММС

Објавено на: 02/20/22 10:35 AM

Граѓаните се жалат на измами при купување на социјалните мрежи, надлежните апелираат да се внимава со давањето на личните податоци

Во текот на минатата година, Организацијата на потрошувачи (ОПМ), евидентирала дека околу 15 проценти од вкупно добиените поплаки се однесуваат  на измамите при онлајн продажбата. Поплаките главно се однесувале на неисполнување на техничките карактеристики, производ во друга боја и големина од бараниот, оштетен производ или, пак, неиздавање на гаранција и упатство за употреба за техничките апарати.
Проблемот, посочуваат од ОПМ, е во тоа што купувачите не знаат дали купуваат од легални или нелегални онлајн продавници бидејќи на социјалните мрежи секој може да отвори профил. Затоа препорачуваат секогаш кога се купува преку социјалните мрежи, потрошувачите да бидат особено внимателни и да проверат дали онлајн понудата е од регистрирана фирма, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција и дали при испораката на производот доставува фискална сметка или сметко-потврда.
„Проблемот е што купувачите кога купуваат преку интернет не знаат дали купуваат од легални или од нелегални онлајн продавници. Најчесто, нелегалните продавници имаат свој профил на социјалните мрежи, телефон, адреса (кои и во најголем случај се непостоечки). При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, потребно е потрошувачите однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на е-маил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/фактура или сметко-потврда. Продавачите кои не се регистрирани не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника, истакнуваат од ОПМ.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ на прашањето како можат граѓаните да се заштитат при ваквите кривични дела, колку траат процесите и кој е најчестиот исход, вели дека кривични дела преку интернет имало многу малку, односно „скоро и да немало“.
„ Нема одговорност, единствено и најдобро да се заштитат е да не ги даваат своите лични податоци и да се ограничат на бројот на луѓе кои навистина ги познаваат, вели Давидовиќ.
Во однос на судската пракса за измами преку интернет трговија, тој вели дека до сега немало посебни предмети.
„ До сега имало поплаки за квалитетот и за големината која преку интернет не можете да ја видите, но, некои посебни предмети немало, особено кривични. Кривичните дела преку интернет особено ги нема, немало ни постапки, најчести предмети се оние каде има навреди и клевети кои завршуваат со граѓанска одговорност во граѓанскиот суд, вели Давидовиќ.

миа