Енергатската криза и фискалната децентрализација тема на денешното издание на емисијата „Стадион“.
Општините се пред енергетски колапс, сметаат тројцата градоначалници на Штип, Иван Јорданов, на Радовиш, Ацо Ристов и на Берово, Ѕвонко Пекевски, гости во емисијата Стадион.
Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, општина не се соочува со некој поголем проблем, меѓутоа состојбата е критична во Ј.П Исар. Оваа комунално претпријатие ја доби највисоката сметка за електрична енергија во Македонија, 19 милиони денари месечна сметка.
„ Станува збор за сметка 4-5 пати поголема од декемвриската, која што изнесуваше 4,5 милиони денари. Месечните приходи на претпријатието изнесуваат 17 миниони денари. Тоа значи дека со сметката од 19 милиони денари, без да се земат во обзир останатите трошоци, меѓу кои и месечната рата за кредит од 3,7 милиони денари, Ј.П нема никаква можност за рентабилно работење. Магично стапче да има директорот или градоначалникот нема да може да ја стабилизира состојбата,“ изјави Јорданов.
Побаравме од Бирото за јавни набавки да добиеме позитивно мислење да влеземе во непосредни преговори со одредени оператори коишто се дистрибутери на електрична енергија, меѓутоа, вели Јорданов, таков одговор не добиле.
Влошување на состојбите околу плаќањата очекува и радовишкиот градоначалник.
„Ако до пред еден месец за еден киловат час општина Радовиш плаќаше по 5,3 денари за киловат час сега цената е 26,5 денари, тоа е поскапување од 470 %,“ вели радовишкиот градоначалник Ацо Ристов. Договорот на Комуналното претпријатие истекувал за еден месец, и она што се поставува како прашање, вели Ристов, е дали може да се случи покачување на струјата од 300.
Тој како член на Управниот одбор на ЗЕЛС, вели дека од надлежните институции побарале додека трае оваа криза, општините да се тргнат од слободен пазар, каде што, како што рече, владеела енергетска мафија.
„Ова не е случајно, што сега ни се случува, никој да не ни се јавува на Јавните набавки. Бараме исто како што Владата направи за топлинската енергија за Скопје, да не префрли и нас на ЕСМ, кадешто производството е македонско и да не купуваме странска електрична енергија.“
Градоначалникот Ацо Ристов планира Радовиш за три години да го направи енергетски независна општина базирана на сонце, вода, шума…
„ Вода имаме, бараме сите отпадоци кои остануваат од 10 000 кубни метри дрва колку годишно се сечат кај нас да ни ги дадат, исто и земјоделските остатоци за производство на електрична енергија за која граѓаните нема да плаќаат. Имаме грант за проект мини хитинг систем – зелена енергија со која на почетокот ќе бидат обезбедени со електрична енергија сите институции во Радовиш, а подоцна и граѓаните- вели Ристов.
Општина Берово засега не се соочува со проблемот околу сметките за електрична енергија, вели градоначалникот Ѕвонко Пекевски. Се уште им е активен склучениот договор а склучен е нов договор со важност од месец март, со непроменлива цена.
„Проблем ќе биде меѓуопштинското јавно претпријатие за пречистување на отпадни води, заедничко за Берово и Пехчево, со тоа што веќе години наназад, сметките ги плаќа само Општина Берово. Цената за електричната енергија во јануари 2021 година била 5,22 денари по киловат час додека во декември таа е 22,72 денари,“ вели Пекевски.
„Како општина во услови на криза аплициравме до одредени донатори и верувам дека за кратко време ќе имаме можност да инсталираме фотоволтаици за да ги намалиме загубите на електрична енергија во ЈКП, односно во пречистителната станица. Веќе на поедини единки имаме инсталирано мали капацитети за покривање на дел од нивните трошоци, “изјави Пекевски во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77.