Мерките и политиките коишто ги спроведе Народната банка за време на пандемијата придонесоа за ублажување на ударот врз економијата, а помогнаа и во процесот на закрепнување. Солидната кредитна поддршка по значително намалени каматни стапки им помогна на фирмите во премостувањето на предизвиците со ликвидноста. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На работниот состанок се разговараше околу тековните предизвици на македонските компании. Беше истакната високата поврзаност на домашната економија со ЕУ, како најголем трговски партнер. Продолжената пандемија влијаше врз ликвидноста на економските субјекти во ЕУ, што постепено започна да се чувствува и кај домашните фирми што ги пласираат своите производи на европските пазари, а особено на германскиот. Сепак, беше истакнато дека непредвидливоста е голема, особено имајќи ја предвид енергетската криза и геополитичките тензии.
Во однос на ценовните движења беше посочено дека засега нагорното придвижување на инфлацијата се должи главно на фактори поврзани со растот на цените на енергенсите и храната на меѓународните финансиски пазари. Во такви околности, засега монетарната политика е олабавена, за да се овозможи соодветна финансиска поддршка на економскиот раст.