„Булинг, врсничко насилство, нарушени семејни односи“ – Децата од 10-12 години се повеќе бараат помош на СОС телефонот на „Меѓаши“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 2:24 PM

„Булинг, врсничко насилство, нарушени семејни односи“ – Децата од 10-12 години се повеќе бараат помош на СОС телефонот на „Меѓаши“

Лани добиени се вкупно 329 повици, а вкупниот број деца и млади кои се опфатени со случаите изнесува 449 (198 машки, 176 женски деца. (за 75 деца не е познат полот).

Споредбено со 2020 година, бројот на случаите е зголемен за над 37 отсто. Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 10 до 12 години, најголемиот број од децата или 390 живеат во урбана средина, а 253 од вкупниот број јавувачи се Македонци.

Ова го соопштија од Првата детска амбасада „Меѓаши“, според извештаите од работата на СОС телефонот за деца и млади во текот на 2021 година „АлоБушавко“.

„Најчестите прекршувања се однесуваат на категоријата семејни односи (прекршување на правото на детето за видување со едниот родител при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа). Потоа се пријавите за меѓуврсничко насилство – булинг, физичко насилство, емоционално насилство, негрижа, политичка злоупотреба. На трето место по зачестеност е прекршување на правото на пристапност до институции, социјални, здравствени и други услуги“, стои во извештајот на „Меѓаши“.

Во 2021 година кај 59 деца причината за дојава е нарушеното ментално здравје, најчесто во случаите поврзани со нарушениот однос со родителите при бракоразводните постапки. „Меѓаши“ обезбеди преку СОС телефонот директна помош или поддршка на случаи во кои се засегнати 85 деца. Дадени се препораки за 197 деца и млади, за 122 деца информации за контакт на соодветната институција, 74 деца беа упатени до други организации или институции, додека 109 деца се упатени до агенции/институции надлежни за спроведување на законот.

„Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните семејства, а ова ни укажува на фактот дека потребно е подобро и поквалитетно регулирање на семејните односи и поголемо внимание и поддршка од страна на надлежните институции со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права“, соопштија од Меѓаши.