„Ден на слободата“-Австрија на 5 март ги укинува сите анти ковид мерки – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 1:58 PM

„Ден на слободата“-Австрија на 5 март ги укинува сите анти ковид мерки

Сите мерки воведени поради пандемијата на корона вирус во Австрија ќе бидат укинати на 5 март, соопштија австриските власти. На сила ќе остане само мерката за носење маски на одредени места, јавуваат тамошните медиуми.

Ова денеска го најави австрискиот канцелар Карл Нехамер.

Од 5 март ќе има попуштање на мерките кои подразбираат укинување на полицискиот час, работа на угостителските и хотелските објекти, укинување на 3G правилото (вакцинирани, тестирани и излекувани), со што на невакцинираните и оние со негативен тест, повторно ќе им се овозможи пристап до кафулиња, ресторани, хотели, концерти, натпревари.
Исто така, од 5 март ќе бидат овозможени приватни и јавни прослави, концерти, саеми и други собири без ограничување на бројот на присутни.
Се укинува карантинот за лицата без симптоми, а единствено што ќе остане е обврската за носење маски на одредени места, како што се јавниот превоз и супермаркетите.

Се размислува и за времено прекинување на задолжителната вакцинација, која беше воведена пред десетина дена.

Владата заедно со гувернерите на провинциите сакаат да го прогласат 5 март за „Ден на слободата“, по примерот на Велика Британија.

Австрија е првата земја во Европа што донесе закон за задолжителна вакцинација на граѓаните против коронавирус.

извор: Telegraf.rs