Министерката за одбрана, Славјанка Петровска од денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на состанокот на Алијансата, на ниво на министри за одбрана. Ова е прв министерски состанок на кој Петровска учествува по преземањето на функцијата министерка за одбрана на Северна Македонија.
Пред состанокот министерката Петровска изрази очекување дека министрите за одбрана на 30-те сојузници ќе го потврдат единството во Алијансата за заштитата на земјите – членки и колективната одбрана, ќе ја реафирмираат позицијата за мирно и дипломатски решавање на состојбата во и околу Украина и уште еднаш ќе дадат силна и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Овој состанок се одржува во исклучително важен период и за европската безбедност и за безбедноста на евроатлантската област. Она што се очекува од нас како министри за одбрана е да ги реафирмираме нашите позиции во однос на позицијата за мирно решавање отвореното прашање помеѓу Украина и Русија“, рече министерката.
Петровска посочи дека шанса му се дава првенствено на дијалогот и дипломатското решение и дека основна задача на Алијансата е да ја штити безбедноста и стабилноста на земјите – членки.
„Ние до последно даваме шанса на дијалогот, на дипломатското решение. Како Алијанса имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека ќе произлезе од овој состанок е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките кои ќе бидат во таа насока“, заклучи министерката.
На состаноците на НАТО ќе стане збор и за зацврстувањето на одбранбените капацитети, вложување во одбраната, новиот стратешки концепт на Алијансата и концептот НАТО 2030. Министрите за одбрана на НАТО ќе дискутираат и за развојот на капацитетите за борба со хибридните закани, потребата од зацврстување на сајбер-безбедноста и зголемувањето на отпорноста на климатските промени.
За време на состаноците на Северноатлантскиот совет, министерката ќе има повеќе билатерални средби со свои колеги од сојузничките земји.
извор: Министерство за одбрана