Ѓукановиќ има шуми и ливади, Вучиќ има гарсоњерче, а Заев нема ни кола – „Сиромашни“ лидери во „богати“ земји – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 7:00 PM

Ѓукановиќ има шуми и ливади, Вучиќ има гарсоњерче, а Заев нема ни кола – „Сиромашни“ лидери во „богати“ земји

Имотните листови на неколку регионални лидери покажаа дека политичарите поседуваат имот каков што граѓаните можат да сонуваат, односно тие се мега богати во сиромашни земји.

Порталот на српската елевизијата „Нова“ објави анализа со имотната карта на балканските лидери, меѓу кои е и довчерашниот македонски премиер Зоран Заев.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ успеал да заштеди милион куни и пријавил дека на неговат штедна сметка има 133.000 евра. Покрај тоа, платата му пораснала во однос на лани и сега му изнесува 3.500 евра.

Скок на приходите пријавила и неговата сопруга Сања Мусиќ Милановиќ која сега има плата од 2.000 евра. Првата дама на хрватска се занимава со медицина, а освен тоа и со предавање кои и носи приход од 965 евра месечно. Брачниот пар поседува и стан, гаража, две ниви, ливада и викендица со земјиште стекната со наследство.

Еден од најимпресивните имотни листови има црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. Во извештајот кој во јануари 2021 го предал до Агенцијата за спречување на корупцијата, се наведува дека неговата плата изнесува 2.120 евра, додека неговата сопруга Лидија на месечно ниво добива хонорар од три непознати економски субјекти во износ од 2.712 евра. Покрај тоа Лидија поседува автомобил „ауди А3“ купен на кредит.

Ѓукановиќ има удел во фирмата „Универзитас“ од 25%, како и половина од сопственоста над фирмата „Глобал Монтенегро“. Неговата сопруга е сопственичка на една шума, семејна станбена зграда и една помошна зграда со двор и ливада, а се и било стекнато со наследство.

Црногорскиот претседател е сопственик на два стана, еден станбен простор, две неплодни земјишта, три деловни простори, еден овоштарник, седум пасишта, осум ливади, еден двор, два простора под зграда и дури 11 шуми. Како што се наведува, имотот е стекнат со купување, наследство и размена во оставинска постапка. Сепак, тој не дал увид во своите банкарски сметки.

Српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик навел во својо имотен картон дека поседува стан од 40.000 евра и две куќи, едната во БиХ која вреди околу 150.000 евра, додека во Србија вредноста на куќата изнесувала 871.000 евра. Додик поседува и автомобил од 5.000 евра, но има и кредит во банка од 450.000 евра. Лидерот на Србите во БиХ даде увид на сметката на која има вкупно 27.000 евра.

Неговата сопруга под ставката „кооперација на заеднички имот“ има приходи од 23.000 евра месечно, а поседува и земјиште од 45.000 евра како и деловен простор од 50.000 евра. За разлика од првата дама на Црна гора, чиј автомобил е купен на кредит, Снежана Додик поседува возило од 20.000 евра.

Сега веќе бившиот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев редовно поднесувал извештаи за својот имот. Во најновниот анкетен лист тој на подарок добил стан од 46 м2 со подрум во Струмица. Во неговиот имотен картон се наоѓаат кредит од 5.500 евра кој го подигнала неговата сопруга Зорица. За разлика од претходниот мандат, за вториот мандат како премиер пријавил возило на неговите деца, „мини купер“ кое вреди 14.500 евра. Неговите родители имаат поголем имот во висина од 100.000 евра, вклучувајќи го и деловниот простор во Струмица од 60.000 евра и четири хектари земјоделско земјиште во Муртино од 40.000 евра.

Но, спорна ставка е непријавената вила на Халкидики во која редовно летувал со семејството. Македонската опозиција со години тврдеше дека Заев и неговите блиски луѓе поседуваат преубава градба во Грција која никогаш не била наведена во анкетниот лист. Заев за ова бараше извинување поради клевета.

На крајот доаѓаме до претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој е најсиромав државник. Според информациите од Агенцијата за борба против корупцијата, тој е сопственик само на гарсоњера од 30 м2. Неговото семејство поседува недвижности во Белград и земјиште во Бечеј, Сремска Митровица и Бугојно во БиХ. Платата на Вучиќ изнесува 168.000 динари или 85.000 денари.

Извор: Nova.rs

Фото: vijesti.me/