Инфлацијата од 6,7 отсто е над проекциите, цените ќе се стабилизираат дури во втората половина од годинава, оцени НБМ – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 11:58 AM

Инфлацијата од 6,7 отсто е над проекциите, цените ќе се стабилизираат дури во втората половина од годинава, оцени НБМ

Во јануари годинава е остварена годишна стапка на инфлација од 6,7 проценти, а тоа е резултат на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи. Ова го констатира Народната банка во денешното сопштение во кое додава: „Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока. Со тоа, ризиците за проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни“.

Според очекувањата на меѓународните институции, стабилизирање на растот на овие цени ќе има во втората половина на годината и со тоа и намалување на инфлациските притисоци.

„Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно неизвесните економски ефекти на развојот, справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии“, се вели во соопштението во кое се досдава дека, ќе се следи неизвесноста од идното влијание на пандемијата и актуелните геополитички тензии врз глобалниот раст на цените и соодветно ќе се реагира.
Податоците за надворешно-трговската размена за четвртото тримесечје од 2021 година, според НБМ, упатуваат на малку повисок остварен трговски дефицит во однос на очекувањата во  октомвриската проекција. А, во однос на движењата во реалната економија, во просек, во трите квартали од минатата година економијата бележи реален раст од 4,6 проценти, што е блиску до очекувањата на Народната банка од проекцијата во октомври.

„Во 4 квартал имаше поумерени стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и во угостителството и забавен пад на индустриското производство. А, кај извршените градежни работи во периодот октомври ‒ ноември се забележува натамошен годишен пад“, велат од Народната банка.